Mинистерот за транспорт и врски, Благој Бочварски вели дека приоритет на Владата е преку модерни и безбедни патишта да обезбедиме регионално поврзување со земјите од ЕУ кои ќе придонесат за поголем регионален развој и подобар живот за сите наши граѓани.
„Со асфалтирањето на последната делница од околу 5 километри, практично целосно ја завршивме обновата на овој патен правец за што инвестиравме околу 1 милион евра“, рече министерот Бочварски по завршувањето на патниот правец од Радовиш до планината Плачковица.
Тој тврди дека Радовиш е на мапата на инвестициските вложувања на владата како што е изградбата на експресниот пат од Штип до Радовиш.
„На почетокот на овој месец ја пуштивме во употреба првата делница од експресниот пат од Штип до Бучим во должина од 23 километри, а оттука сакам јавно да ветам дека делницата од Бучим до Радовиш ќе биде готова до наесен“, рече Бочварски.
Според него, кон крајот на годината ќе почне проектирањето на нов експресен пат од Струмица до границата со Бугарија и со тоа се создава брза патна врска од Штип преку Радовиш и Струмица до граничниот премин.
Директорот на ЈП за одржување и заштита на магистралните и регионални патишта, Беким Мемеди, информираше дека обновата на патниот правец Радовиш-планина Плачковица чини вкупно 100 милиони денари и се асфалтирани 19,2 километри.
„Претпријатието е присустно низ цела Република Северна Македонија и активно асфалтираме неколку патни правци со цел граѓаните да добијат поквалитетни патишта, подобри услуги и услови низ патните правци“, рече директорот Мемеди.