Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски најави дека ќе побара дополнителни 300 милиони денари (околу 4,8 милиони евра) за доизградба на гасоводна инфраструктура. Тој истакна и дека дополнителни пари ќе бидат побарани во сите области каде има добра реализација на капиталните инвестиции.
„Околу 300 милиони денари ќе побараме дополнително за доизградба на гасоводите, бидејќи таму ќе имаме уште една постапка за интерконекторот со Грција во време на енергетска криза. Изградбата на гасоводите е од круцијално значење во државата“, изјави Бочварски, како одговор на новинарско прашање по стартот на кампањата за зголемување на безбедноста на железничките премини.
Тој додаде дека при ребаланс, се прават напори да се задржат средствата за инфраструктурата поради повеќекратниот бенефит за државата и за граѓаните.
„За секаде каде што имаме добра реализација ќе побараме дополнителни средства, не е штета доколку инвестираме во инфраструктура, така што очекувам и сите средства што се наменети за изградба на инфраструктура во најголем дел да ги задржиме со цел да ги инвестираме и до крајот на годината да го подигнеме процентот на реализација, изјави Бочварски.
Македонија нема сопствени наоѓалишта на природен гас и целокупното количество на природен гас се увезува од Русија преку гасоводниот систем на Бугарија. Со цел да се намали зависноста од руски гас и понуди алтернатива, се планира гасоводно поврзување со Грција и инвестиции во гасна централа и постројка за гасификација на течен природен гас во Александрополис, во кои Македонија треба да има удел.
Тендерот за изградба на гасниот интерконектор со Грција ќе се објави во јуни, а во рок од 18 до 20 месеци треба да биде завршено гасното поврзување со Грција, преку која Македонија ќе добие пристап и до азербејџански гас.