Остануваме силно посветени на нашата агенда во изградба на безбедна и модерна патна инфраструктура низ целата земја и од тоа не отстапуваме, потенцирал министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, при денешната посета на неготинско Војшанци, соопштија попладнево од Министерството.

– Министерот заедно со директорите на јавните претпријатија за патишта, Ејуп Рустеми и Костадин Ацевски и пратеничката Лолита Ристова, извршија увид во комплетната рехабилитација на патниот правец Неготино – Дуброво – Војшанци и притоа остварија средба и со локалното население, се наведува во соопштението.

Инвестицијата за рехабилитација на овој пат изнесува 75 милиони денари, средства обезбедени преку централната власт.

– Ме радува што денеска ги гледам жителите собрани во толкав број, тоа ми дава потврда дека нашите политики вродуваат со плод. Рехабилитацијата на овој патен правец беше големо барање на жителите од Дуброво и Војшанци и ние преку Министерството за транспорт и врски и ЈП за државни патишта, обезбедивме 75 милиони денари за негова модернизација. Голема заслуга за целиот овој проект, покрај директорите Рустеми и Ацевски, има и пратеничката Ристова, која беше во постојана комуникација со нас до негова целосна реализација. Во овој регион во тек е и реконструкцијата на автопатска делница Неготино – Демир Капија, инвестиција од 9 милиони евра, многу значаен проект за сите оние кои патуваат по Коридорот 10. Нашите активности продолжуваат во сите општини, модерна и безбедна патна мрежа останува наш примарен фокус, изјавил министерот.

Ристова им се заблагодарила на министерот и директорите што имале слух за барањата на жителите и го реконструирале овој многу значаен патен правец, што поврзува повеќе населени места.

– Поддршката од централната власт е добредојдена за целиот овој регион и очекувам да реализираме уште многу квалитетни проекти со што дополнително ќе го подобриме квалтетот на живот на локалното население, нагласила Ристова.

Според Рустеми и Ацевски, добрата соработка и комуникација помеѓу институциите, е, клучна во реализацијата на ваквите крупни проекти за граѓаните, градежната офанзива, како што се истакнува во соопштението, продолжува и во наредниот период.

Бочварски остварил и работна посета на локалната фабрика „Интеркар глобал“, каде се сретнал со заменик директорот Сефер Килич.

Претходно, Бочварски, заедно со Рустеми и Ацевски и со пратеничката Марија Костадинова, присуствувале во гевгелискиот регион, каде бил извршен увид во рехабилитираниот патен правец што го поврзува населено место Прдејци, со Коридорот 10.

Од Министерството појаснуваат дека станува збор за инвестиција вредна 15 милиони денари, средства обезбедени од централната власт.

Министерството за транспорт и врски, како што се потенцира во соопштението, продолжува во реализација на инфраструктурната програма во изградба на квалитетна, модерна и безбедна патна мрежа низ целата држава.