Три прашања за Бојана Јовановска, проектен координатор во Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Случаите за кои слушаме во јавноста се сè почести не затоа што претходно не постоеше насилството, туку затоа што жените сè повеќе се охрабруваат да зборуваат. Сведоци сме, и кај нас, но и пошироко, дека кога барем една жртва ќе излезе јавно со својата приказна, во следниот период повлекува и уште неколку жртви кои ќе ги споделат личните искуства.

  1. Што според вас го забавува конечното расчистување на случајот „Јавна соба“?

– Еден од омилените спортови во нашево општество е „префрлање на топка“. Овој натпревар во префрлање на одговорноста, во кој единствен губитник се секогаш жртвите, како да е генетски вкоренет во нашиот локален менталитет и првата природна реакција кога некој е прозван е токму негирањето на одговорноста и нејзино префрлање на друг субјект, без разлика дали станува збор за индивидуално или институционално ниво. Дури и надвор од случајот Јавна соба, секојдневно сме сведоци на институции кои не преземаат директна одговорност за случувањата во нашата земја и прават театар од туѓите животи.

Очигледно е дека Јавното обвинителство е пациент во кома, кој од време на време ќе се подразбуди, кога ќе почне да гори некаде, а МВР, кое е подеднаков коматозен пациент, ја искористува неговата состојба за да ја префрли одговорноста. И тука е проблемот, институциите реагираат само кампањски, само кога гори некаде, ќе ни фрлат неколку трошки, ќе си поиграат со „топката“, за после недела дена да си се вратат во удобната хибернирачка состојба. Немаме конзистентност, нема континуитет во работата на институциите, нема одговорност, нема чувство на заштита од оние на кои единствената работа им е токму тоа.

Очигледно е дека Јавното обвинителство е пациент во кома, кој од време на време ќе се подразбуди, кога ќе почне да гори некаде, а МВР, кое е подеднаков коматозен пациент, ја искористува неговата состојба за да ја префрли одговорноста.
  1. Сè почесто испливуваат на површина, односно во јавноста, случате со родово насилство. Какви се искуствата – зошто нашите жени не пријавуваат насилство?

– Живееме во општество во кое насилството е дел од патријархалната култура, односно каде што насилството (без разлика за каква форма станува збор) во одредена релација е начин на кој се демонстрира супериорноста и се одржуваат одредени односи на моќ. Ние сме сè уште општество во кое ќотекот е дисциплинска алатка, каде што не постои силување во брак или врска, каде што е срамота да се разведеш, итн. Истражувањата и работата на терен, покрај општествените пранги на срам и осуда кај жртвите, покажуваат дека жените немаат доверба во институциите, а непостапувањето, односно несоодветното постапување на институцијата каде што е пријавено насилството може да доведе до негово ескалирање, како што беше случајот со последниот фемицид, кој се случи во Гостивар пред само неколку месеци.

Случаите за кои слушаме во јавноста се сè почести не затоа што претходно не постоеше насилството, туку затоа што жените сè повеќе се охрабруваат да зборуваат. Сведоци сме, и кај нас, но и пошироко, дека кога барем една жртва ќе излезе јавно со својата приказна, во следниот период повлекува и уште неколку жртви кои ќе ги споделат личните искуства. Што повторно нè остава сами на себе, на храброста и солидарноста на жените кои се, по кој знае кој пат, разочарани од институциите.

  1. Родовата нееднаквост се чувствува и во секојдневието и во деловниот свет. Но, во што најмногу ја гледате, што е според вас она што навистина „боде очи“ и остава горчлив вкус на неправда?

– Имаме долг пат до постигнување на родова еднаквост, но сè уште многу луѓе не го гледаат тоа. Од удобноста на привилегиите што ги уживаме, многу е тешко да се види трнливиот пат по кој чекорат жените во секојдневниот живот. Поразително е што многумина, и мажи и жени, сметаат дека родовата еднаквост е постигната, дека жените во денешно време ги уживаат истите можности како и сите останати, дека денес сè зависи само од нивниот личен избор. Малку е лудо да мислиме дека неколку стотици години патријархална култура можат да се променат во помалку од сто години од право на глас или нешто повеќе од правото да можеме да носиме пантолони. Имаме долг пат пред нас.