Близу 11 илјади посетители го посетиле  Вински музеј Кавадарци за три години постоење на оваа културна установа што ги промовира културата, историјата и традицијата на лозарството и винарството во Тиквешко, како најголем лозаровинарски регион во државата.

Директорката Весела Честоева, денеска во изјава за МИА информираше дека околу четири илјади посети имаат евидентирано последнава година, од септември, до септември, што е, како што нагласи,  за поздравување. Гостите се од земјава и странство.

– Во овој период од година дена имаме организирано триесет настани што го привлекуваат вниманието на пошироката јавност. Во делот на инвестициите,  на Музејот во изминатата  година со одлука на Советот на Општината Кавадарци, на трајно користење му беа доделени две подружници и тоа градската винотека и туристичкото информативно биро, со што дејноста на музејот се прошири и во делот на трговијата и услугите. Имено, музејот сега на пазарот излегува и со продажба на вино од богатата палета вино на малите семејни винарии, со што како правен субјект успеавме да ги задоволиме предизвиците кои сами по себе се наметнаа од страна на посетителите, појасни Честоева.

Таа се заблагодари  за поддршката, до кавадаречкиот градоначалник и локалната самоуправа.