Здравствените власти оценуваат дека сме близу до врвот на третиот бран на пандемијата. Заменик министерот за здравство Илир Хасани вели дека овие денови ќе има бројки слични на оние од изминативе денови но најавува со оптимизам дека позитивните случаи со ковид 19 ќе опаѓаат и дека нема да требаат нови рестриктивни мерки.
„Сите епидемиолошки фактори говорат дека сме близу до врвот, пикот, највисокиот пик. Да се надеваме дека следниве денови, односно следниве недели бројките ќе почнат да опаѓаат. До тогаш останува обврска на МЗ да се соочи со третиот бран на пандемијата во нашата земја“, посочи Илир Хасани.
Комисијата за заразни болести ги анализираше ефектите од полицискиот час кој е насила изминативе 10 дена. Шабан Мемети, директор на Институтот за јавно здравје, исто така и член на Комисијата за заразни болести вели дека дошле до заклучок дека полицискиот час до сега одржа релативна стабилност на случаите со Ковид 19, затоа како Комисија препорачале и следните две недели да продолжат истите мерки.
„Досегашниот полициски час одржувал релативна стабилност на случаите со ковид-19, но имаме случаи и на генетска мутација и случаи кои се појавуваат на клиники со брзи симптоми, затоа немаме преоптоварување на здравствени институции, но имаме случаи кои се пријавуваат побрзо во здравствени институции“, посочи Шабан Мемети.
И следните 14 дена односно до 6 април, граѓаните ќе бидат со ограничено движење од 22 до 5 часот изутрина. На денешната седница оваа препорака која произлезе од КЗБ ја усвои и Владата. Експертската здравствена комисија во текот на оваа недела ќе одржи уште еден состанок за да ја анализира епидемиолошката состојба со корона вирусот и дали се потребни други дополнителни мерки.