Актерката Блејк Лајвли го прошири својот правен тим со ангажирање на истакнатата адвокатка Сигрид Меколи за нејзиниот правен спор со Џастин Балдони. Меколи е позната по застапувањето на жртвите на Џефри Епштајн.

Потврдена е и специфичната улога што Меколи ќе ја има во иднина. Таа наводно ќе служи како врска помеѓу тимот на Блејк Лајвли и јавноста и ќе ги информира медиумите за напредокот на тужбата.

„Привилегија е да се работи со светски познатиот правен тим на Блејк Лајвли на случај кој, во својата суштина, е за жена која била изложена на непријателска работна средина и е нападната затоа што се спротивставила да се заштити себеси и другите колеги“, изјави Меколи за „Пипл“.

Џастин Балдони

Другите адвокати на актерката, Мајк Готлиб и Есра Хадсон, изјавија за „Пипл“ дека се воодушевени што Меколи се придружи на тимот.

„Ја ангажиравме Сигрид врз основа на нејзиното долгогодишно искуство во откривањето на вистината, вклучително и нејзиното храбро застапување на жртвите на Џефри Епштајн, и не се сомневаме дека нејзиното искуство добро ќе му служи на тимот“, рекоа тие во заедничка изјава.

Според најновите информации, тужбата на Лајвли против Балдони сè уште е во тек, а судењето е одложено за 18 мај 2026 година, по промена на распоредот на судот. Во меѓувреме, судот ја отфрли контратужбата на Балдони, објавена во медиумите како тужба вредна стотици милиони долари, во која се споменуваат и Рајан Рејнолдс и публицистот на Лајвли.

Следната важна точка во случајот е рочиштето закажано за 22 јануари 2026 година, каде што се очекува да се одлучи за барањето на Балдони за скратена пресуда – обид дел или целиот случај да се отфрли пред судењето.

Текстот Блејк Лајвли ја ангажира адвокатката на жртвите на Епштајн во спорот со Балдони е превземен од МАКФАКС.