Пишува: Петар Колев, претседател на Граѓанско Демократска Унија-ГДУ
На денешен ден пред 30 години Бугарија беше првата држава во светот што ја призна независноста и самостојноста на Македонија. Оној смел и визионерски поглед на претседателот Жељу Желев , ќе остане траг, кој ќе биде оценет и од сегашните, но и од идните генерации на Македонија.
За овие 30 години ние како општество, а до голема мера и бугарското општество не успеавме да го препознаеме, но и изградиме вистинскиот канал за комуникација, пријателство и заеднички интерес.
Тоа резултираше со директен ќорсокак, во кој јазикот на омразата, непочитувањето на човековите права и искривувањето на реалностите денес, но и користењето на историската вистина за политичко-идеолошки индоктринации на општествата достигна врвни размери.
Македонските Бугари, како дел од македонското општество се оние граѓани кои најсилно и директно ги чувствуваат последиците од овие недоразбирања, исполнети со навреди и говор на омраза.
Точно поради тоа, ние сме најзаинтересираниот дел од македонското општество, сите овие проблеми да се надминат и да се најдат решенија исполнети со содржина. Декларативните пристапи покажаа во блиското минато, но и во сегашноста, дека не ги решаваат проблемите, точно обратно, ги задлабочуваат.
Почнувајќи од моментот на признавање, преку Декларацијата од 1999 година, минувајќи кон договорот од 2017, станува јасна потребата од заеднички напор, проследен со јасни чекори од двете страни и исполнети со трајни решенија, за да ја вратиме довербата и да го надминеме овој предизвик.
Искрено и недвосмислено ја поздравувам иницијативата која доаѓа од новата влада во Бугарија на чело со г-н Петков, како и подготвеноста од страна на идната влада во Македонија и мандатарот Ковачевски за искрен и суштински дијалог, бидејќи само преку директни разговори ќе најдеме брзи и трајни решенија.
Напуштањето на моделот за барање на лобисти и притисоци кон едната или другата страна, како модел на однесување, и приоѓањето кон директни разговори, ме исполнува со надеж, дека скоро ќе се изнајдат решенија кои ќе го отворат нашиот пат кон Европската унија.
Македонските Бугари, како неразделен елемент од македонското општество имаат суштински предизвик во кој барајќи го решението и помагајќи го процесот, очекуваат разрешница на суштинските проблеми сврзани со нивното секојдневно битисување.
Точно поради тоа апсолутно основана е активноста на бугарските организации во Македонија во оваа насока и нивната реална ангажираност, како најзаинтересирани граѓани за изнаоѓање решенија.
Поради сите овие случувања, останувам длабоко уверен дека предизвиците ќе се надминат со трајни и исполнети со содржина решенија, кои ќе дадат простор Македонија да ги започне преговорите со Европската Унија.