Бизнис секторот ќе се вклучи во креирањето на наставните програми на студентите, со цел тие да се стекнат со потребна стручност и компетентност за да можат да се вклучат во работниот процес на компаниите по завршувањето на високото образование. За таа цел, денеска дел од членките на Стопанската комора на Северна Македонија и Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола (УКЛО) потпишаа и договори.
Соработката меѓу бизнис секторот и битолскиот Универзитет беше договорена на денешната конференција „Високото образование и бизнисот – заеднички предизвици и приоритети“ организирано од УКЛО и Стопанската комора, на која присуствуваше и заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски.
– Пандемијата не научи дека човечкиот капитал е исклучително важен за справување со новите предизвици за новиот развој којшто треба да го креираме по завршувањето на Ковид-19 за зголемување и на самите вработени. Меѓутоа, и истакнување на се позначајната улога на научно-истражувачките институции во рамки на уредувањето на економските активности во државата, рече Ковачевски.
Тој потенцира дека Владата игра значајна улога во овој дел и само за илустрација спомена дека инвестициите во човечки капитал оваа година и со ребалансот на Буџетот, кој ќе влезе во процедура на 1 јули, како и трошоците за образование, за здравство, за економски активности, односно поддршка на институциите, на компаниите и на друго, се неколкукратно зголемени во однос на 2019 година.
– Со ова Владата ја потврдува својата заложба за инвестиции во човечкиот капитал како еден од најзначајните за развој на државата и постигнување на стапки на економски раст на ниво поголемо од просечните во изминатите години, рече Ковачевски.
Ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, проф. д-р Сашо Коруновски истакна дека му е чест што заедно со Стопанската комора организираат ваков настан, на кој треба да се покажеме синергијата меѓу универзитетите и опкружувањето, особено бизнисот.
– Со Стопанската комора работиме долго време. Но, ова е еден настан, со којшто треба да излеземе во јавност и да привлечеме уште повеќе членови, и нивни и наши, други универзитети да го следат примерот и да работиме на заеднички во однос на креирање на иднина на нашите студенти, а подоцна нивни вработени. Често тема е односот меѓу бизнисот и образованието и најчесто со негативна конотација. Со денешниот настан ќе кажеме дека бизнисот и образованието можат да соработуваат, а тоа ќе го покажеме во годините кои следат, истакна проф. д-р Коруновски.
Потпретседателката на Стопанската комора, Јелисавета Георгиева Јовевска истакна дека бизнис секторот сака да биде коректив, меѓутоа и да ги следи процесите коишто се случуваат во образованието.
– Од посетата на компаниите и од анкетите кои секојдневно ги правиме со нашето членство, недостасуваат или треба да се обрне повеќе внимание на стручноста и компетенциите на студентите по завршувањето на факултетите. Во следниот период, ќе обрнеме уште поголемо внимание на тој проблем и се надеваме дека со научната фела и власта, која ги креира тие програми, ќе бидеме заеднички чинител во овој процес, истакна Георгиева Јовевска.
Министерството за образование и наука го продолжува дијалогот со бизнис заедницата, а факултетите ќе бидат активно вклучени во процесот на приближување на високото образование на барањата на пазарот на трудот. Заменик министерот за образование и наука Арафат Шабани во обраќањето на Конференцијата „Високото образование и бизнисот – заеднички предизвици и приоритети“ рече дека овој дијалог е продолжение на соработката што МОН ја имаше со стопанските комори во процесот на утврдување на потребите на компаниите и креирање на нови струки во средните стручни училишта, за кои уписите се во тек.
– Преку кампањата „Учи паметно, работи стручно“, поддржана од Амбасадата на Швајцарија создаваме средно стручно образование кое, особено преку дуалното образование, ќе обезбеди кадар баран од компаниите, но и зголемување на можностите за вработување на младите. Истовремено ова е солидна основа за продолжување на образованието на високообразовните установи посебно на техничките факултети, кои изминатиот период беа помалку атрактивни за младите, нагласи Шабани.