Основното јавно обвинителство од Битола отвори предмет за случајот со застреланата мечка и фотографијата на која позира заменик-директорот на „Македонија пат“, Сашо Дранго.
„По објава во медиумите оформен е предмет и се постапува за да се утврди што точно се случило“, велат од Основното јавно обвинителство во Битола.
Бурни реакции во јавноста предизвикаа фотографиите кои ги објави здружението „Анима мунди“, на кои се гледа заменик-директорот на „Македонијапат“ и претседател на Унијата на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ во Демир Хисар, како позира со пушка со оптички нишан и со мртвото животно.
Тој има своја верзија за случувањата за наводна сообраќајна несреќа во која настрадала мечката, но од СВР Битола велат дека кај нив нема таков пријавен случај.
Фотографиите до кои дојде „Анима мунди“ покажуваат дека Дранго, откога ја убил мечката, ладнокрвно позира со неа како да е трофеј, што само го отсликува неговото умоболно хоби за што говорат и неговите фотографии од убиени разни диви животни на социјалните мрежи.
Реакцијата на „Анима Мунди“ доаѓа по вчерашната изјава на Дранго дека мечката, со која е сликан на Фејсбук загинала во сообраќајка.