Битола денеска се крена на протест за високата казна за полициски службеник, кој вршејќи ја својата должност, бил нападнат од алкохолизиран граѓанин.

Инцидентот се случил минатата година. Полицаецот го совладал и привел за напад на службено лице но нападнатото лице го тужеше полицаецот и тој доби една година затвор.

Македонското здружение на млади правници (МЗМП) информирашe дека Основниот кривичен суд Скопје донел првостепена пресуда со која полицискиот службеник Г.П. вработен во СВР Битола се осудил на казна затвор од една година за делото Малтретирање во вршење на службата за случајот од 21 септември минатата година.

Тие објаснуваат дека од изведените вербални и материјални докази во текот на доказната постапка, судот неспорно утврдил дека  обвинетиот како полициски службеник го малтретирал оштетениот Н.Ј. и постапил на начин на кој се понижува човечкото достоинство и човечката личност.

„Судот утврдил дека на 21.09.2020 година околу 01 часот на ул. Никола Тесла во Битола, обвинетиот како службено лице-униформиран полициски службеник во вршење на службата го малтретирал оштетениот Н.Ј на начин што при обезбедување на лице место по случена сообраќајна незгода откако спрема оштетениот употребил полуга на левата и десната рака, го совладал и турнал на земјата и додека оштетениот бил легнат на земјата обвинетиот го удирал со клоци и тупаници по телото во пределот на главата, по рацете, нозете и грбот со што употребил прекумерна сила и спрема оштетениот постапил на начин на кој се понижува човечкото достоинство и човечката личност“, соопштија од МЗМП

Во постапката биле одржани осум рочишта каде биле сослушани сведоци на оштетениот, доктор по општа медицина, како и сведоци на одбраната.

Дополнително, биле изведени и повеќе докази меѓу кои и видео материјал од кој судот неспорно утврдил дека веднаш откако бил употребен зафатот од обвинетиот за совладување на ошететениот и тој бил совладан и соборен на земја, полицаецот продолжил да го удира со тупаници и клоци по телото и главата, додека тој лежел на земјата.