Универзитетот во Ливерпул, вчера објави дека ќе ја започне првата студиска година во која студентите ќе имаат можност да ги изучуваат „Битлси“ и нивното влијание врз музиката и општеството.
Магистерскиот курс наречен „The Beatles: Music Industry and Heritagе“ ќе го проучува влијанието на култната група врз популарната музика и култура, рече водачот на програмата.
Курсот кој ќе започне во септември е наменет за луѓе „кои моментално работат или размислуваат за кариера во музичката и креативната индустрија“, рече потпаролот на универзитетот.
Материјалот ќе вклучува анализа на улогата на групата во музиката, креативните индустрии и пошироките области како што се туризмот и културното наследство.
„Апсолутно сум воодушевена што можеме да воведеме официјално истражување на „Битлси“ на Одделот за музика на Универзитетот во Ливерпул и Институтот за популарна музика“, изјави менаџерката на програмата Холи Теслер.
Д-р Мајк Џоунс, член на „Beatles Legacy Group“ која се обидува да ја утврди економската вредност од влијанието на „Битлси“ за туризмот и економијата на Ливерпул, вели дека овие магистерски студии ќе ги истражуваат „длабоките, значајни и трајни врски“ помеѓу бендот и градот.
Студентите на постдипломските квалификации, исто така, ќе разгледуваат како влијанието на бендот се реплицира во различни места, индустрии и контексти низ целиот свет, велат од универзитетот.