Пишува: Никица Корубин
Доктрината за двојната формула, која со години беше главната оска на двете македонски партии, во однос на конечното (не)решавање на спорот за името со Грција, вчера ја доби својата илустрација, како совршена симбиоза на сакрално-световната “битка за името”.
Па, ако “световната формула” беше, никогаш непрежаленото двојно име, “подоброто” решение Република Македонија (Скопје); “сакралната формула” насред Скопје, ни ја испорача српскиот патријарх Порфириј: “доживеавме денеска во овој благословен град, царско и чесно Скопје … со најдрагите браќа и сестри скопјани и жителите на другите места и градови прославивме 850 години од раѓањето на Свети Сава“.
Мистериозното исчезнување на “македонското” и неговото врамување во “српскиот свет на свети Сава”, конечно на пиедесталот на театарската (и реална) сцена ја искачи вистината и позадината и за двојната формула и за “барем името не ни го негираат”.
Само што, името самостојно не може да стои, ниту во Скопје, престолнината на Северна Македонија, а не па во замислата и претставата на “царско и чесно Скопје (Скопље)”како реминисценција на крунисувањето на царот Душан (“цар на Македонија” и на сите останати етникуми тогаш). Српска ли е или македонска, таа средновековна Македонија, каде цар бил Душан – е прашање на кое одговор треба да дадат сите “чувари на идентитетот”, кои свесно ја блокираат државата денес, за да знаеме за чиј идентитет гаранциите се бараат.
Оваа раскошна и слободна демонстрација на чист хегемонизам, со јасен анти-европски и анти-западен повик, која се слушаше вчера на верски празник, по повод денот на Свети Сава, наменет за српскиот етникум во Северна Македонија, не само што ја покри целосно новоразбудената американска еуфорија, туку ја засени и нашата формална и суштинска ЕУ интеграција, и накарадно нашето членство во НАТО, засилено со актуелен заменик генерален секретар.
И на ниту едно наше официјално политичко лице, од премиер на држава, до заменик премиер, до сите присутни министри и опозициски пратеници; не им пречеше флагрантното прекршување на уставот на БИХ, бруталното негирање на и од нас спонзорираната декларација на ОН за геноцидот во Сребреница, повикот за преиспитување на европските интеграции, а не им пречеше ниту позицијата на црната листа на говорникот, онаа истата на нашиот стратешки партнер од тазе инаугурацијата, за чие место со недели се сатанизира Албанецот Артан Груби. Уживаа во личниот став, или го штитеа државниот интерес, позиција и устав?
Барем во оваа отворена битка за историска превласт во Скопје, МПЦ-ОА може да здивне. Комотна во прегратките на СПЦ, чиј историски континиутет инаку произлегува од нелегалниот упад во автокефалноста на тогашната историска Охридска архиепископија; не мора повеќе да се грижи за “вековното име” – тоа да ти било за внатрешна употреба и тогаш и сега – во светогледот на српскиот свет на Свети Сава.
А, не мора повеќе да се грижи ниту косовскиот премиер Албин Курти, затоа што на 850-годишнината од раѓањето на Свети Сава, “српските светињи” од Косово не се ни споменаа. Успешно го префрлија фокусот на “царско и чесно Скопје”.
Кога веќе на министрите и пратениците од ВЛЕН, кои се уште се соземат од истечените шест месеци за уставни измени – условот за влез во влада; апсолутно не им пречи, овој упад во идентитетот (и територијата) во иста мерка каква што е “опасноста” за влез на Бугарите во уставот. Па, додека се солидаризираат со Македонците за гаранции, тие полека стануваат Скопјани. Уште малку ако почекаат за уставни измени, гаранции нема ни да бидат потребни.
Скопје е стар град. Постар од модерниот хегемонизам. Целата котлина изобилува со археолошки локалитети, повеќе од 100. Тука била Пајонија, бидејќи “Аксиј извира од земјата на Пајонците”. Тука биле и Агријаните, таа елитна единица во војската на Александар Македонски. Скупи бил еден од 4-те големи градови во Дарданија. Имал највисок статус на колонија, во римската империја. Може да се поврзе и со големиот византиски цар Јустинијан.
Византиското сликарство на Комнените во Свети Пантелејмон. Свети Андреј на Матка и Марковиот манастир. Еден од градовите на Самуил, а потоа и на Душан. Султан-муратова и Мустафа-пашина џамија. Во граничната зона на стариот антички свет, Скопје никако не може да биде Скопље. Важен за Македонците, важен за Албанците, важен за сите граѓани. Скопје е главниот град на Северна Македонија, членка на НАТО и идна членка на ЕУ. И тоа е единствената порака која космополитизмот на Скопје, смее и може да ја испрати.