Пост ковид периодот е шанса да ја унапредиме уште повеќе нашата соработка, да создадеме регион кој ќе биде конкурентен и атрактивен, а не да создаваме меѓусебна конкуренција помеѓу земјите од Западен Балкан.
Ова го порача вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на трилатералниот состанок во Скопје на тема „Придонес за развој на социо-економските односи помеѓу Република Турција, Република Северна Македонија и Република Косово” на кој присуствуваа претставници на Стопанска комора на Македонија и Турција – МАТТО, Стопанската комора на Косово и Турција – КТТО и Здружението на стопанственици и занаетчии „ЕСНАФ”од Косово.
– Регионалната соработка е есенцијална за понатамошниот напредок на економиите и општествата на нашите земји. Токму затоа, го поздравувам денешниов трилатерален состанок и поддржувам дијалогот да остане отворен и да се унапредува. Ме радува што и во Турција и во Косово, Република Северна Македонија има традиционално добри трговски партнери. Република Турција е седми по вредност трговски партнер на нашата земја, додека Косово е рангиран како 10-ти најдобар трговски партнер, рече Битиќи.
Нагласи дека растот на меѓусебната трговија, извозот и увозот меѓу трите земји покажа дека се враќаме на патеките на соработка пред пандемијата.