Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи гарантира дека цената на електричната енергија по 1 јануари нема да се зголеми за толку колку што тврдат некои од медиумите и порачува дека и тогаш ќе биде најниска во регионот.
-Гарантирам дека во јануари цената нема да се покачи на ниво на кое одредени медиуми или, пак, поединци сакаат да го покажат за да креираат страв кај народот. Ние како што докажавме на 1 јули и на 1 јануари ќе докажеме дека цената ќе биде се уште најниска во целиот регион и ќе обезбедиме доволно електрична енергија за да продолжи да тече нормалниот живот онака како што треба, изјави Битиќи по отворањето на „Иновацискиот и бизнис форум Пеперутка”.
Посочи дека Владата се обидува да наоѓа системски решенија за електричната енергија.
-Сме кажале дека се залагаме за електрична енергија која е малку штетна за живото на граѓаните т.е. зелена енергија. Секако таа зелена енергија има повисока цена, но во овој момент тоа не е битно. Битно е дали имаме доволно електрична енергија заради целокупните движења. Затоа сме фокусирани на производство на електрична енергија и на цена која ќе биде достапна за нашите граѓани. Сметам дека било каква популистичка мерка како што е замрзнување на цената не е одржлива. Може да ја замрзнете за три месеци и потоа ќе мора да ја пуштите особено кога сте одлучиле да оперирате на либерализиран пазар што е одлука која е стратешка и долгорочна, рече Битиќи во одговор на прашањето дали Владата размислува да ги замрзне цените на електричната енергија и на парното греење за да спречи ценовен шок.
Како Влада, посочи, будно ги следиме состојбите од јуни 2021 година кога почна движењата на енергетската берза.