Даночните активностите и предизвиците на Управата за јавни приходи (УЈП) беа тема на разговор на денешната работна средба меѓу вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и директорката на УЈП Сања Лукаревска.
Како што информираат од Кабинетот на вицепремиерот, Битиќи и Лукаревска во рамки на заедничките активности, тие прво ја посетија Дирекцијата за големи даночни обврзници на УЈП.
-Оваа Дирекција администрира 366 најголеми плаќачи на данок во државата и наплатува 44,63 отсто од вкупната наплата на даноци, информираше Лукаревска за време на посетата.
Директорката го запозна вицепремиерот Битиќи со тековните активности и предизвиците со кои се соочува Дирекцијата, во спроведување на даночните активности, како и за успешните резултати остварени од наплата на даноците и партнерскиот однос кој оваа Дирекција го негува со даночните обврзници.
Работната средба продолжи и во Генералната дирекција, каде вицепремиерот Битиќи, директорката Лукаревска и раководството на УЈП разговараа за досегашната успешна реализација на антикризните мерки. Дополнително тие го запознаа вицепремиерот со тековните проекти кои ги спроведува УЈП, како што се: е-даноци, е-МПИН, автоматски поврат и пребивање, матична евиденција и даночно книговодство. Сите овие проекти се имплементираат со цел подобрување на деловните практики и внесување на промени во согласност со севкупната дигитална трансформација, а во насока на подобро администрирање на даночни приходи и придонеси и давање квалитетни услуги на обврзниците.
Вицепремиерот Битиќи истакна дека ова е една од најзначајните институции, еден од столбовите на економијата.
-Коронавирусот ни покажа дека дигитализацијата е неопходна секаде, а вие како институција во време на пандемија целосно одговоривте на предизвикот, нагласи Битиќи и ја истакна големата улога која УЈП ја има при имплементацијата на економските мерки за поддршка на граѓаните и стопанството за време на кризата.
За време на ативностите беше потенцирано дека во март 2021 година, Управата за јавни приходи реализира наплата на даноците во износ од 7.720.610.346,00 денари, што во споредба со истиот месец во 2020 година претставува повисока наплата кај даноците од страна на компаниите, што е добар знак дека економијата постепено закрепнува. Поединечно, кај данокот на додадена вредност се бележи поголема наплата за 29,49 отсто, наплатата кај данокот на личен доход е повисока за 12,55 отсто, додека пониска наплата за 1,32 отсто, се регистрира само кај данокот на добивка.