Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вели дека стандардот на граѓаните во изминатите четири години се подобрува. Тоа го тврди врз основа на извештајот на Државниот завод за статистика за просечната плата. Како што вели тој во четирите години кога тие се на власт, во однос на последните 4 години од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, просечната плата се зголемила за 25,94 отсто.
По објавените официјални податоци на ДЗС за просечната плата во јуни 2021, можеме да направиме споредба како се подобрувал стандардот на граѓаните на Република Северна Македонија во последниве четири години, споредено со претходните четири години.
Просечната плата во јуни 2021 изнесува 28.724 денари и е за 25,94% поголема во споредба со јуни 2017 кога просечната нето плата била 22.808 денари. Кога ќе направиме споредба на просечната плата од јуни 2017 со просечната плата од јуни 2013 кога била 21.108 денари, растот за тие четири години е 8,05%.
Или земено во апсолутни бројки, растот на просечната нето плата во минативе четири години (2017-2021) е за цели 5.916 денари, додека во претходните четири години (2013-2017) просечната нето плата имала раст од 1.700 денари. Три и пол пати зголемениот раст во апсолутен износ е реалност и потврда дека севкупната економска политика на оваа влада дава резултати кои секој граѓанин ги чувствува во секојдневното живеење, вели Битиќи.