Средствата што ги даваме за обезбедување електрична енергија на регулираниот пазар значи дека секој еден наш граѓанин во државата е субвенциониран за 6.800 денари за оваа година, истакна вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во гостувањето во Алсат телевизија. Тој додаде дека секој еден граѓанин добива субвенции од 6.800 денари во 2022 година, односно секое домаќинство добива 21 илјади денари за оваа година.
Тој додаде дека за десет дена се затвора годината и почетокот на следната година ќе бидат познати сите податоци, за лесно да се провери колку ја чинеше државата актуелната криза.
-Со се кризата за обезбедување топлинска енергија за Град Скопје од почетокот на годината 2022 и сега на крај енергетската криза… севкупно, се што требаше да се обезбеди за регулираниот пазар, тогаш оваа криза чини 240 милиони евра. За наредната година планираме 250 милиони евра за помош за мерки за справување со кризата, но не значи дека сите пари ќе одат за обезбедување на електрична енергија, плановите се далеку пониски од годинава што би не чинело, бидејќи се преземени одредени мерки. Дали кризата чини многу? Да. Дали овие средства ќе беше подобро да отидат за грижата за потребите за граѓаните кои 30 години наназад никој не сакал да ги решава? Да, така е, но морате да направите баланс меѓу моменталната криза и справувањето со кризата и основните функции на државата, рече Битиќи.
Тој повтори дека никој не верувал дека мерките за време на здравствената криза биле преземени навреме, но потсети дека ММФ и Светска банка посочија дека со нив се спасени 80 илјади работни места.