Прогресивниот данок нема да го намали јазот помеѓу богатите и сиромашните, туку напротив ќе го зголеми. Вицепремиерот Фатмир Битиќи не се согласува со идејата богатите да плаќаат поголем данок за разлика од сиромашните. Според него треба да се изнајдат други решенија за да се намали нееднаквоста помеѓу граѓаните.
– Advertisement –
„Прогресивното оданочување уште повеќе може да го раздлабочи јазот помеѓу сиромашните и богатите, затоа што не е директна борбата. Не зборувме за системски решенија. Ние треба да сме паметни во овој период да видиме како да го намалиме јазот, а даночната политика не е секогаш единствениот рецепт како тоа да се намали“, рече Битиќи.
За експертите потребно е државата јасно да дефинира кои даночни реформи треба да ги преземе за да имаме јасна патека каде ја водиме економијата. Една од политиките за намалување на јазот е прогресивниот данок, но со претходна анализа.
„Постојат примери во светот каде даночните реформи дале позитивни решенија. Ако сакаме да зборуваме за соодветно сценарио за Македонија треба навистина да седнеме и како општество да се договориме во која насока треба да ја водиме економијата и каква земја сакаме да имаме 10-15 години од денеска. Воведување на прогресивен данок можеби е една од политиките која може да придонесе за намалување на јазот“, рече Виктор Митевски-Здружение за истражување и анализа -ЗМАИ.
Последните анализи на невладините говорат дека Ковид кризата богатите ги направи уште побогати, а сиромашните уште посиромашни. За првата половина од 2020, нееднаквоста се зголемила за 3,5 процентни поени .Најпогодени се жените, младите до 29 години, на кои најмногу им се намалувала платата, како и лицата со ниски примања.
Андреа Чобанова