Поголем данок за богатите зошто во ковид-кризата станаа уште побогати. По предлогот на МАНУ за зголемување на даноците, вицепремиерот Фатмир Битиќи согласен повторно да се воведе прогресивно оданочување. За него за одредени дејности треба да има и намалување на персоналниот данок.

Advertisements

„Даночната реформа значи воведување на прогресивното оданочување, јас велам – зошто да не. Кризата покажа дека некои богати станаа уште побогати. Сметам дека заради идеолошкото верување, дека треба да има прогресивно оданочување. Богатите треба да платат и да вратат на посиромашните. Ако тоа значи воведување на нов данок за посиромашните, велам не, затоа што на нив им должиме за да излезат од прагот на сиромаштија и да почнат да живеат достоинствено“, рече Фатмир Битиќи- Вицепремиер задолжен за економски прашања.

На новинарско прашање дали се размислува за воведување на нов кризен данок, Битиќи потсети дека во 2001 имаше данок кој го плаќаа сите граѓани, но не прецизираше дали во овој момент се размислувало за ваква опција. Даночната реформа ќе биде дефинирана откако ќе завршат консулатциите и анализите кои во моментов траат – вели Битиќи.

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ бара даноците да не се зголемуваат, туку да се намалат. Според Мицкоски треба да се бара начин да се намали сивата економија, а не да се удира по џебот на граѓаните.

„Не е решение зголемување на даноците туку решение е намалување на даноците да се намалат непродуктивните трошења на оваа влада и да се заштеди на сметка на граѓаните. Повторно удираме врз бизнисот удираме по стандардот на граѓаните и ги зголемуваме даноците наместо да бараме начин како да ја намалиме сивата економија и на тој начин да ги зголемиме приходите во буџетот“, рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО- ДПМНЕ.

Прогресивниот данок беше воведен на почеток на 2019 година, но по 10 месеци Владата одлучи да го стави во мирување до 2023 години. Причина за одложувањето беа негативните реакции од сопствениците на компаниите и обидите да се избегне прагот на оданочување со префрлање на доходот на други лица.

Андреа Чобанова