Во најголемата криза со пандемијата, политиката преовладува наспроти логиката да се помогне на тие на коишто им е потребно, истакна денеска вицепремиерот Фатмир Битиќи на прес-конференцијата на која беше претставен јавниот повик за ко-финансирани грантови за технолошки развој и за забрзан економски раст на ФИТР, прашан за неискористените во целост, најавени една милјареда евра како помош.

-Ние воведовме еден механизам којшто за 30 години не беше воведен таков механизам за поддршка на стопанството и на граѓаните преку државната гаранција и на крај чекаме два и пол – три месеци да законското решение помине во Собрание со кое што дополнителни минимум 200 милиони евра ќе се влеат во стопанството. Кога би се влеале и законското решение би било денеска одобрено, ние веќе утре ќе ги направиме достапни тие средства кон граѓаните. Дополнително, законски решенија коишто беа поврзани во доменот на земјоделие, во доменот на пристап до кредитирање од Светска банка и другите меѓународни финансиски институции знаете колкава полемика и колкава дискусија имавме во јавноста, особено со тие коишто треба да една секунда од своето време употребат – само да кренат рака и да кажат да, ги поддржуваме овие мерки затоа што се тоа поддршка на граѓаните. Можам да кажам дека причината зошто не стигнаа повеќе пари кај граѓаните е неразумноста на клучните чинители во политичкиот живот во Македонија, истакна Битиќи.

Појасни дека со петтиот пакет на мерки којшто е предвиден се обидуваат да најдат решенија коишто нема да бараат многу време за да се имплементираат истите мерки.

-За жал, некои ќе треба да одат во Собрание како такви и се надевам дека конструктивноста во Собрание ќе биде многу поголема од тоа што го видовме изминатиот период. Јас очекувам ако ме прашате директно веќе вчера да беа одобрени сите законски решенија затоа што ниту се за мене, ниту се за оваа Влада, туку тоа се пари коишто треба да помогнат на стопанството и на граѓаните, додаде вицепремиерот.