Петтиот пакет економски мерки за поддршка на стопанството и граѓаните за справување со последиците од ковид-19  ќе тежи помеѓу 50 и 60 милиони евра како директни буџетски импликации, но како фискални импликации ќе биде околу 150 милиони евра и се очекува да биде финализиран неделава ако се постигне консензус со сите засегнати страни.

-Ќе има финансиска поддршка за платите исто како што беше и претходно затоа што и претходната помош не беше безусловна. И порано требаше да се исполнат одредени услови за помошта да стане неповратна, а истиот механизам го користиме и сега. Се разговара за двете опции со синдикатите, стопанските комори и сите други – да се продолжи со поддршката како и досега или таа да се замени со бескаматни кредити. Оваа недела ќе треба заеднички да решиме со сите засегнати страни која е најдобрата мерка, имајќи предвид дека полека заздравуваме и влегуваме во рестарт на економијата, вели вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.