Сметам дека од 1 јануари би требало да очекуваме уште поголемо намалување на малопродажбите цени на основните прехранбени производи, но и на другите производи, затоа што голем дел од товарот што тие навистина можеби го гледаа им го тргаме и Владата им излегува во пресрет, рече вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, на попладневното продолжение на седницата за пратенички прашања.
Битиќи ја поздрави и оквалификува како разумна одлуката на Регулаторната комисија за енергетика за цените на електричната енергија од 1 јануари 2023, што беа објавени вчера.
Со одлуката, потсети тој, вкупната цена на електрична енергија за малите потрошувачи на регулираниот пазар се намалува за 20,15 проценти и нема зголемување, туку намалување на цената на електрична енергија и таа ќе се применува за 70.000 компании во државата, што значи 98 проценти од вкупниот број.
– Иако овие компании и во овој временски период плаќаа значително пониска цена од пазарната цена на електрична енергија сметавме дека на сите нив треба во наредниот временски период да им осигураме предвидливост и услови и тоа како да помогнат не само на нивното работење, туку севкупно на квалитетот и на животниот стандард на граѓаните. Оваа е конкретна мерка која ќе значи намалување на вкупните нивни трошоци. Во ова влегуваат сите микро, мали и средни претпријатија, односно фризерници, берберници,кафулиња, компании коишто во овој временски период и тоа како кажуваа дека зголемените трошоци за електрична енергија значат навистина тешко работење, рече Битиќи.
Според него, вчерашната одлука на РКЕ значи и исто така и справување со состојбите кај домаќинствата.
– Кај домаќинствата цената на електрична енергија за првиот блок наспроти уверувањата на одредени структури се намалува за цели 4,11 отсто. За вториот блок се намалува на 3 отсто. Цената на третиот блок се корегира и се зголемува за незначително 0,85 проценти, а за четвртиот блок цената на електричната енергија се зголемува за 7,65 отсто. Инаку, за потсетување иако за четвртиот блок е значително зголемувањето, 99,2 проценти од домаќинствата во државата ќе добијат намалени цени на електрична енергија, затоа што припаѓаат во првиот и вториот блок и мал процент од нив припаѓаат во третиот блок. Доколку продолжат домаќинствата да штедат многу мал процент ќе имаат зголемени реални трошоци за електрична енергија, рече Битиќи.
Одлуката за електричната енергија и намалувањето, дополни тој, секако дека ќе отиде во полза на домаќинствата.
– Дополнително иако изминатиот период имаше значителни критики зошто се покажува во фактурите за електрична енергија различна цената на електричната енергија и цената за пренос и дистрибуција, од 1 јануари ќе можат да видат дека и овој сегмент за граѓаните РКЕ излезе со одлука за да се намалат овие трошоци. И тоа значи цента за пренос на електричната енергија се намалува за 8,66 посто, цената за дистрибуција за 20 проценти. Севкупно трошоците за лежарина наспроти трошоците за електрична енергија се намалуваат за 20,6 проценти во овој период, истакна Битиќи.
Како што наведе вицепремиерот, намалувањето на цените кај домаќинствата, посочи, е за да се намали можноста за уште еден удар кај граѓаните од зголемување на инфалцијата и ценовниот шок кој го чувствуваат сите, но исто така и за да се помогне на сите мали потрошувачи кои во изминатиот период тврдеа дека цената на електричната енергија е еден од факторите за зголемување на цените кај малопродажбата и големпродажбата.
– Затоа, да, очекувањето е дека со сите мерки кои ги носи Владата, како што е продолжување на замрзнување на маржата за одредени прехранбени производи, и дополнително намалување на цената на електрична енергија, сметам дека од 1 јануари би требало да очекуваме уште поголемо намалување на малопродажбите цени на основните прехранбени производи, но и на другите производи, затоа што голем дел од товарот што тие навистина можеби го гледаа им го тргаме и Владата им излегува во пресрет, рече Битиќи.
Тој ги повика инспекциските служби и самите претпријатија, како што рече, заедно да почнат да се однесуваат разумно.
– Инспекциските служби да ги зајакнат контролите на компаниите, трговците и угостителите, во однос на маржите на цени и секое неетеичко оденсување на пазарот не би требало да се толерира, а секако трговците и сите други претпријатија конечно да покажат поголемо етичко и морално однесување на пазарот и доза на солидарност, што е потребно во време на криза, рече Битиќи во одговор на прашање од пратеничката Санела Шкриељ.