Владата нема да ги прифати барањата на угостителите за доделување на грантови. Иако ова беше едно од клучните услови за прекин на нивните протести, властите се децидни дека финансиска помош ќе има само за оние фирми кои законски работеле и придонесувале за економијата на Македонија. И во период на криза треба да се креира систем кој е одржлив и кој ќе дава резултати, вели вицепремиерот Фатмир Битиќи.
„Ако во 2019 и 2020 година компаниите уживаа во неформалната економија, а денеска бараат помош од државата, за жал на тоа не можеме да одговориме. Но, сите до еден кои што соодветно постапувале или оперирале ќе добијат соодветна помош според моделот што го креиравме. А тоа е компензација на дел од приходите и дополнителна компензација на дел од плата на секое вработено лице“, рече Битиќи.
– Advertisement –
Угостителите, туристичките работници, сметководителите и другите останати дејности кои неколку дена по ред незадоволството од најавениот шести пакет мерки го изразуваат на улица, велат дека протестите ќе продолжат се до исполнување на нивните барања. Угостителите се на став дека мерките на државата ќе придонесат за ублажување на последиците, но тврдат дека предвидените средства се далеку од тоа што во моментов им треба за спас на секторот. Угостителите бараат еднократна финансиска помош за сите регистрирани угостителските објекти, поделени во три категории врз основа на големината по бројот на вработени во 2020 година.
Бараат и финансиска помош за категоризираните објекти наменети за организирани прослави кои цела година не смеат да работат, но и утврдување на мораториум или репрограмирање со грејс период на кредитите од комерцијалните банки и кредитите од Развојна банка, сѐ додека не дозволи владата да работат без рестрикции. За угостителите во шестиот пакет мерки се резервирани близу 10 милиони евра.
Иле Петревски