Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи преку својот Фејсбук профил најави нови мерки за угостителските објекти кои се затворени од денеска.
„Оние економски оператори кои овие две недели ќе бидат затворени ќе бидат опфатени со нови мерки. Во моментов разгледуваме неколку модели кои ќе се базираат на покривање на дел од остварените приходи во последните месеци. Секако за споредба мораме да земеме месеци со кои би можеле да симулираме колку тие истите би направиле приходи доколку не се случи ова затворање. Во моментов приоритет е здравјето и заштита на здравјето на граѓаните, за сите настанати штети во економијата, како и досега, државата ќе излезе пресрет“, пишува Битиќи.
Тој додава дека како и во вонредната состојба оние угостителски објекти кои вршат достава можат да продолжат истото да го прават и по полицискиот час, секако со соодветни дозволи за движење.
„Дополнително, во текот на денот можат да продаваат храна и пијалови од шалтер (take away или to go) без послужување во самите локали. Ова секако ќе овозможи за поголемиот дел од нив да продолжат делумно да работат“, завршува Битиќи.