Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи е подготвен да разговара со претставниците на пекарската индустрија кои бараат од државата да ги субвенционира платите на пекарите, во спротивно најавија поскапување на лебот.

Битиќи вели дека до него нема стигнато такво барање, но дека е подготвен за разговор со сите стопански гранки.

– Сметам дека како и сите други барања, треба да се разговара со сите стопански гранки, но сметам дека државата не може да биде партнер на стопанските субјекти. Ние може да помогнеме во тешки времиња, но априори давање на изјави кои имаат карактер на закана дека ако ова не го направите, ќе пристапиме кон друг момент, сметам дека не е соодветно и дека не е во духот на она што сме го изградиле изминатите години, изјави Битиќи пред почетокот на денешниот настан организиран од Агенцијата за катастар на недвижности.

Потсети дека пекарската индустрија е субвенционирана во делот на електричната енергија, но дека само дел од субјектите во оваа индустрија го исполниле ветеното да ги намалат цените.

– И сега прашањето е дали треба нов џентлменски договор или треба нови правила на воспоставување на пазарот, рече Битиќи.

Во однос на цените на прехранбените производи во маркетите коишто не се целосно намалени, Битиќи рече дека има намалување на цените, но не до таа мера како што се очекувало. Вели дека не е веднаш за радикални мерки и за укинување на субвенцијата за електрична енергија и дека треба да се сослушаат аргументите на компаниите кои не го направиле ветеното. -Доколку аргументите не се на нивна страна, тогаш сме подготвени да ја укинеме субвенцијата, вели Битиќи.

Има намалување на цените на прехранбените производи, но не во таа мера во која очекувавме и ќе разговараме што ќе бидат следните чекори на Владата. Не сакаме никогаш да кажеме кој е радикалниот момент – дали нешто што сме дале, треба веднаш да укинеме. Треба да ја чуеме другата страна зошто тоа го направиле. Ако има аргументи на нивна страна, ќе им дадеме уште одреден временски период, но ако нема аргументи, не само што сме подготвени да ја укинеме субвенцијата, туку сметам дека тоа се пари на граѓаните и треба да изнајдеме механизам тие пари да ги вратиме кај граѓаните, рече Битиќи.