Единствениот механизам на државата за контрола на цените на производите во моментот е испекцијата која може да утврди дали има неправилности и нивно вештачко зголемување, вели вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи кој најави дека наскоро ќе се излезе со податоци од контролите и таму каде ќе бидат констатирани неправилности ќе бидат преземени мерки.
-Минатата година поради прогласената вонредна состојба, Владата со уредба можеше да донесе одлука со која што директно интервенираше да нема пораст на одредени производи. Сега единствениот механизам ни е преку пазарната инспекција да утврдиме дали има неправилности и дали има навистина зголемување на цените на вештачки начин. И веќе ние ги следиме секојдневно, не само од јавувањето на граѓаните. Ние и самите го следиме движењето на цените. Веќе има таква интервенција на неколку субјекти. Наскоро ќе излеземе со податок што точно ќе направиме и секако сите тие што се обиделе да профитираат или во овој момент кога на сите нас ни е тешко да изнесат максимална добивка од состојбата се што е законски ќе се преземе, рече вицепремиерот Битиќи во гостување на ТВ Сител.
Во врска со покачувањето на цената на маслото за јадење, Битиќи вели дека во некоја мера е оправдано поради светско движење на цените.
-За жал заради некои движења на светската берза секако треба да се направи некое поместување на цените. Се утврдува дали пазарната цена на маслото во овој момент е 100 отсто оправдана наспроти сите движења на светската берза, наспроти количините што постоеле итн. Се прават последните калкулации и наскоро ќе имаме конечен став и околу ова. Не е во ред и не би требало во ситуации кога на сите ни е тешко секојдневно се бориме против непознатиот непријател вирусот да се бориме и против тие коишто, еве да кажам, несовесно ќе се однесуваат, а не според правилата на пазарот, рече Битиќи.