Во земјава се носат инвеститори со долгогодишна традиција, кои немаат корозивен капитал, рече при денешната посета на фабрика во Скопје, потпретседателот на СДСМ и вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи, а за изјавата на неодамнешниот брифинг со новинарите за „ТЕ-ТО“ нагласи дека била дадена на шега.
-Целата дискусија траеше два часа и имаше еден коментар. Рекоа што ќе ни треба друга кога веќе ja имаме „ТЕ-ТО“ и тоа било добро кога се инвестирало. Јас тогаш искоментирав, па зошто тогаш никој не коментираше за потеклото на инвеститорите, затоа што знаеме во кое време тоа се случуваше – во времето на режимот и поддршката на таквите сили. Токму тоа денеска што го зборуваме, тие коишто ја кочат европската интеграција на државата и реков дали сакаме да продолжиме со такво влијание или сакаме да имаме европска иднина, рече Битиќи.
Тој нагласи дека тие носат европски инвеститори за коишто додаде дека лесно можат да се видат кои се и дека се без никаков корозивен капитал во нивното работење.
–Ја направив таа шега на прашањето што ако се направи оваа инвестиција којашто ја предлагаме, што ќе биде со ТЕ-ТО, реков ако не е потребна ќе се затвори. Така што, останувам на фактот дека нашата конкурентност мора да се креира преку носење инвестиции, рече Битиќи.
Тој додаде дека за разлика од другите влади, покренале механизам за да се направи скрининг на сите инвестиции за можност за корозивен капитал и нагласи дека ја имаат поддршката од партнерите САД, Велика Британија, ЕУ кои, додаде, ги поддржуваат во она што го прават.
–Јас тогаш кажав дека освен да направиме филтер за странските директни инвестиции ние конечно треба да направиме и филтер за домашните инвестиции затоа што често знаеме да видиме дека корозивниот капитал, така се нарекува во модерните текови, доаѓа токму преку луѓе коишто претходно биле можеби на функции, злоупотребувале јавни пари. Денеска си седат мадро во некои од земјите на ЕУ и го носат капиталот внатре во земјата како потенцијална инвестиција. Токму тоа е заканата за нашето општество, рече Битиќи.
Тој нагласи дека не треба да има грижа за конкурентноста на економијата затоа што се носат инвеститори коишто имаат 120-годишно искуство.
– Не треба да се грижиме дали нашата економија ќе биде конкурентна, дали е тоа добро за граѓаните затоа што ние сме повикани да се грижиме за граѓаните и за нивната иднина, рече Битиќи.
Не неодамнешната средба со новинарите, Битиќи рече дека за време на енергетската криза, АД ЕСМ имало предизвик за снабдување на земјава со електрична енергија и биле потрошени средства за субвенции за цената за граѓаните и стопанството и затоа се бараат стратешки инвеститори за нови енергетски производствени капацитети. Зборувајќи за повеќето стратешки инвестиции, нагласи дека имало четири потенцијални инвеститори.
Со Митилинеос, гасна когенеративна електрана, инвестиција со планирана вредност од 290 милиони евра што треба да се гради на државно земјиште во скопската железарница за што е потребно да е направи индустриска зона, како што кажа, договорена е формула за пресметка на цената на електричната енергија што ќе се откупува во наредните 20 години со која ќе биде најмалку за 5 отсто пониска од пазарната. Капацитетот треба да има инсталирана моќност од 165 мегавати и годишно производство од 1100 мегават часови електрична енергија и ќе биде добра за балансирање на системот. Дополнително топлинска енергија што ќе ја произведува ќе и ја продава на државата за 40 отсто поевтино од пазарната цена. За државното земјиште ќе дава закуп од 0,1 евро по квадратен метар и 2 евра годишно по квадратен метар за одржување. По реализираната инвестиција ќе добие 50 милиони евра државна помош распоредена во рати во период од пет години. Потребно е да се изгради само еден километар цевковод за да се спои со постојниот топловоден систем во Скопје.
Откако ќе заврши државниот закуп на земјиштето стратешките инвеститори ќе треба објектите да и ги отстапат на државата за едно евро за квадратен метар.
Здружението на инженери на Република Македонија (ИНРМ) претходно достави допис и упати електронска порака до секој пратеник во Собранието поединечно, со кои бараат да не даваат поддршка на четирите, како што велат, штетни предлог закони за реализација на стратешки енергетски инвестициски проекти зашто го нарушуваат енергетскиот суверенитет на државата.
-Свесни сме и сигурни дека енергетските проекти можеме и мораме да ги реализираме со сопствени сили. Тие мораат да бидат наши македонски, со цел да се зајакне енергетскиот суверенитет на Македонија, како еден од клучните фактори за нејзиниот државен суверенитет. Договорите кои се составен дел од овие четири предлог закони се штетни по нашата економија и ќе предизвикаат финансиски колапс на Македонија. Со многу помали ризици и со многу поекономичен приод тие проекти може нашата држава самостојно да ги реализира. Само Митилинеос добива загарантиран профит од над 40 милиони евра годишно и ќе има чист профит од најмалку 1,2 милијарди евра за 30 години колку што трае договорот за стратешко партнерство, а по 30 години не мора да и ја врати електраната на Македонија, им порачаа од ИНРМ на пратениците.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) Марко Бислимоски, пак, порача дека со влезот на стратешките енергетски инвестиции ќе се зголеми енергетската независност на земјава и ќе се преполоват сметките за парно.