Заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, остварил средба со делегација на Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) во состав на Рана Карадшех, директорка за Европа,  Николас Маркиер, регионален менаџер за Западен Балкан, како и претставникот за Косово и Северна Македонија, Висар Перани.

Вицепремиерот Битиќи, соопштија денеска од владината прес-служба, ја искажал неговата благодарност за интересот на ИФЦ да го развие приватниот сектор во Северна Македонија.

На состанокот се разговарало за начините на соработка меѓу Владата на Северна Македонија и ИФЦ во делот на реализација на проекти кои се од интерес на нашата земја преку поддршка на приватниот сектор за подобрено снабдување со електрична енергија и олеснет пристап до финансии.

Вицепремиерот Битиќи, се вели во соопштението, на средбата ги охрабрил претставниците на Меѓународната финансиска групација, ИФЦ, активно да ја следат се поинтензивната регионална соработка помеѓу државите на Западен Балкан, при што нивната поддршка би била од огромно значење во помагање на заедничкото настапување на регионот на европските и светските пазари.