Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи во интервју за „рацин.мк“ кажа дека ограничувањето на цените на одредени основни продукти следуваше откако Владата џентлменски се договорила со индустријата за производство на храна, дека тие ќе можат да користат електрична енергија со цена која е близу до онаа на регулираниот пазар за домаќинствата.
-Но откако после подолг период на користење на овие бенефиции, а можеби уште поважно после подолг период на пад на цените на другите инпути освен електричната енергија во оваа индустрија, малопродажните цени на овие продукти останаа исти, односно на нивото од пикот од септември-октомври минатата година, ние како Влада бевме принудени да преземеме поинакви мерки со цел да го заштитиме стандардот на нашите сограѓани, рече вицепремиерот.
Според Битиќи замрзнувањето на цените е непопуларна мерка, но е многу битна за сите граѓани во кризни периоди.
-Од друга страна зачудува фактот што во помалите градови во државата имаше производители го продаваа лебот дури и под цената која ја одреди Владата, иако тоа се производители со многу помали производствени капацитети и многу помал пазарен потенцијал од оние кои го снабдуваат главниот град. Логично е кога некој произведува поголеми количини од некој производ, цената по единица производ да е помала отколку кај производителот кој произведува мали количини, што за жал кај нас според крајните цени во маркетите не беше случај, рече Битиќи.
Тој додаде дека во услови на криза Владата е должна да ги преземе сите мерки кои и стојат на располагање со цел да го заштити стандардот на граѓаните.
-И конкретно потпирајќи се на основните принципи на слободната пазарна економија за очекување беше основните прехранбени производи во главниот град, каде конзумот е најголем, да имаат најниски цени, а во реалноста ни се случи обратното. Имено во кризи токму државата е таа што треба да преземе чекори за да економијата се движи во позитивна насока. И во Ковид периодот имаме државен интервеционизам – ги поддржавме компаниите со плати и со разни други видови на поддршки, заклучи Битиќи.