Зголемените плати се резултат на перформансите на компаниите и зголемената продуктивност кај истите, кои заедно со добрите економски политики на Владата резултираат со постојано зголемување на платите во сите економски сектори, оценува вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во интервју за „рацин.мк“.

 

-Дополнително платите растат и како резултат на се поголемиот прилив како на странски директни инвестиции така и на домашни инвестиции кои се основата за развој на нашата економија. Овие инвеститори инвестираат во воведување на се пософистицирани процеси и технологии што на крајот резултира со поголем аутпут што секако создава простор за исплата на повисоки и повисоки плати. Овој тренд на зголемување на платите секако дека ќе продолжи, и јас лично очекувам дека ова темпо дури и ќе забрза, додека очекувањата за инфлацијата се дека истата ќе биде преполовена и дека годината ќе ја завршиме со просечна инфлација од околу 7-8%. Очекувањата за намалување на инфлацијата најмногу ги базираме на намалените цени на светските пазари на храна според извештаите на меѓународната организација за храна FAO, како и падот на цените на енергенсите според интернационалната агенција за енергетика IEA, вели Битиќи.

 

Тој во интервјуто додаде дека во Агенцијата за вработување постојано има отворени огласи за 7.000 – 10.000 работници кои се бараат од страна на компаниите.

 

-Јасно е дека на нашиот пазар на труд недостигаат одредени профили како кај оние со високи квалификации, така и кај нискоквалификуваните кои бараат специфични знаења и вештини. Тука Владата до сега направи многу со програмите за доквалификација и преквалификација на работна сила. Дуалното образование после само неколку години се покажа како полн погодок, затоа што не само кај компаниите туку интересот е се поголем и кај учениците кои уште од своите средношколски денови имаат прилика да дојдат во непосреден допир со работната атмосфера и да добијат претстава како би изгледало нивното идно работотно место. Иницијативата Отворен Балкан е исто така добредојдена од аспект на мобилност на работната сила, затоа што многу помала е веројатноста некоја компанија која инвестира и работи во овој регион да најде соодветен кадар за своите потреби потпирајќи се само на понудата на работна сила во границите на државата во која работи, наспроти можностите кои ги нуди регионот кој засега брои  нешто над 10 милиони жители, рече Битиќи.