Согласно нашиот Закон за енергерика, РКЕ има задача да донесе тарифен систем со кој ќе се подели мрежарината и потрошувачката на струја. Имаме тарифен систем за трошок на електрична енергија на кој се додава трошокот за мрежарината.

– Граѓаните забележуваат дека кај некои мрежарината е повисока отколку потрошувачката. ЕВН Хоум откупува струја од ЕСМ и факт е дека таа цена е субвенционирана од државата и е 48 евра за мегават час. Тоа е првиот дел од сметката. Вториот дел кој е повисок е мрежарината. Тоа е пренос, оперативни трошоци, покривање загуби во мрежата и амортизација. Загубите до годинава беа околу 30 отсто. Годинава ЕСМ ги продава загубите за 143 евра или околу 10 денари по киловат, а претходно биле околу 3-3,5 денари. Причина за качување на сметките е покривањето на загубите поради цената на струјата. Во останатиот дел РКЕ ги држи цените. Ако ЕСМ понудел цена од 56 евра, тогаш мрежарината би била пониска за околу 40 отсто отколку сега. ЕСМ се јави на тендер со 143 евра, вели Марко Бислимоски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) за Студио 10 на ТВ24.

Васко Ковачевски, директорот на ЕСМ, најави дека ќе има зголемување на цената на струјата по Нова година.

-Ковачевски треба да се грижи за загубите на неговата фирма. РКЕ цената на ЕСМ ја определуваше до 2014 година и беше 35-42 евра за мегават час. Оттогаш РКЕ не ја одредува цената. Ќе има тендер па ќе вдиме колку ќе биде цената. Ако РКЕ има забелешки, ќе донесе одлука да му се намали цената на универзалниот снабдувач. Во меѓувреме, треба да се набават енергенси како јаглен и мазут за да работат капацитетите и од тоа зависат производствените трошоци, вели Бислимоски.

Бислимоски вели дека сметките се поделија на потрошувачка и мрежарина за да има поголема транспарентност. Тој вели дека споредбено со лани, просечно зголемување на цената на струјата е околу 7 отсто. РКЕ не ги признава загубите настанати поради кражба на струја и не ги признаваат трошоците за зголемување на бројот на вработени во компаниите, што за првпат било воведено лани за МЕПСО.

– Ако ЕСМ не се јавеше на тендерите на Електродистрибуција, тогаш Електродистрибуција ќе набавуваше по берзански цени од над 500 евра наместо по 143 евра, вели Бислимоски и додава дека Електродистрибуција годинава има загуби од 61 отсто.