Во предлогот на Регулаторната комисија за енергетика со кој се бара да се зголеми опфатот на ранливите потрошувачи на електрична енергија се содржани повеќе групи семејства, вели претсдателот Марко Бислимовски и додава дека не очекува зголемување на цената на струјата. Досега како ранливи категории на потрошувачи се сметаа само домаќинствата кои примаат социјална помош.

„Со предлогот покрај домаќинствата кои земаат постојана социјална парична помош, бараме во ранливи категории да влезат и домаќинствата во кои нема ниту еден вработен и кои не се корисници на постојана социјална парична помош и немаат друг извор на пари. Бараме во оваа категорија да се вметнат и домаќинствата кои имаат невработено лице корисник на паричен надоместок од Агенцијата за вработување во висина на постојната социјална помош и е единствен приход во домаќинството, како и домаќинствата кои се со повеќе од два члена во кои има еден член што е пензионер и добива минимална пензија, односно е во првата група, и тоа е единствен приход во домаќинството. Бараме да се вметнат и домаќинства со повеќе од два члена во кои има само еден вработен со минимална плата чиј износ се движи во висина на постојана социјална парична помош и нема други приходи во домаќинствата. Дополнително, имајќи ги во предвид проблемите кои ги предизвика ковид кризата во економијата, побаравме во ранливите потрошувачи да се вметнат и домаќинствата кои имаат невработено лице од 1 април 2020 година што е корисник на парична помош во случај на невработеност од Агенцијата за вработување, вели Бислимовски во интервју за МИА.

Тој додава дека во кризата енергетските компании имале сериозен проблем со наплатата и со ликвидноста но дека сега ситуацијата се смирува полека.

На прашањето за цената тој вели дека во овој момент не очекува поскапување на струјата.

„ЕСМ има обврски да ги обезбеди потребите на малите потрошувачи и на домаќинствата и тоа по цена која сама си ја определува, бидејќи РКЕ повеќе не ја определува цената на ЕСМ за струјата. Според информациите кои ги имаме, сега цената на ЕСМ изнесува 38,8 евра за мегават час. Факт е дека имаме намалено производство од хидро капацитетите во државата кое пред се се должи на лошата хидрологија која кон крајот на 2020 година ја имаше не само во нашата земја, туку и во регионот и од тие причини имаше потреба од увоз на електрична енергија, но ЕСМ е обврзан  во рамките на таа цена која што ја понудил од 38,8 евра за мегават час да ги обезбеди потребите на малите потрошувачи и на домаќинствата. Дали ќе увезува дополнително или не тоа од аспект на цена не е битно, бидејќи во калкулациите на РКЕ влегува цената која ја нуди ЕСМ и во рамките на таа цена ЕСМ ќе си ги покрие своите трошоци за увоз на електрична енергија, вели Бислимовски.