Марко Бислимовски, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, претпладнево во „Студио 10“, рече дека зголемувањето на цената на електрична енергија за 2022 за домаќинствата и малите потрошувачи ќе биде поголема од 10 отсто, наспроти тврдењата на министерот за економија Крешник Бектеши дека нема да биде поголема од тој процент.
– Министерот кажа под 10, други кажуваа 70, некои викаа 30 проценти. Никој од нив на крајот од денот нема да ја понесе одговорноста, туку Регулаторната комисија за енергетика, рече Бислимовски.
Првиот регулатор откри дека систем операторот за пренос МЕПСО се побарал уште поголемо зголемување на трошоците во однос на првичното барање. Наместо 60 проценти зголемување, како што беше првично побарано, сега тоа е 83 отсто.
– Барањата на МЕПСО е 82,83 отсто зголемена , не е 60 отсто. Електродистрибуција побара 100 проценти. Во моментов само од овие две компании 40 отсто зголемување е побарано на сметките за домаќинства и мали потрошувачи. Дел од профитите кои што им се гарантирани, ќе ги тргнеме оваа година. Компаниите ќе изглезат од комфорната зона, рече Бислимовски.
Бислимовски додаде дека во моментов ТЕЦ Неготино произведува 90 мегавати дневно, но термоелектраната Осломеј повторно не е во функција.
– Осломеј ќе продолжи во текот на следната недела, не работи од првата половина на ноември, се чека снабдување на јаглен, брифираше Бислимовски.
Пред извесно време министерот за економија Крешник Бектеши, но и други министри уверуваа дека поскапувањето на струјата нема да биде поголемо од 10 проценти.