„Во време на криза сите треба да бидеме солидарни, да излеземе од својата комфорна зона и да се подготвиме за една тешка година. Да ја преживееме оваа година, а потоа ќе се преземаат и дополнителни мерки за да се стабилизира електро-енергетскиот сектор“, изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) – Марко Бислимоски, во гостување на ТВ24, додавајќи дека очигледно е дека поскапување на цената на струјата по 1 јануари – ќе има.
Тој потврди дека постои незадоволство кај компаниите, но, порача, тие треба да излезат од својата комфорна зона и сите заедно да го понесеме товарот. Бислимоски истакна дека драстични ценовни шокови се неприфатливи за РКЕ поради ризик од проблеми со наплатата, но одби да потврди или да негира дали поскапувањето ќе биде поголемо од 10% или барем дали ќе се движи во рангот од 10%-20%. Рече дека не сака да лицитира со бројки, бидејќи иако тоа веќе се прави во јавноста (вклучително и од министерот за економија), на крајот РКЕ е таа која ќе ја понесе одговорноста.