Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги во соработка со проектот на УСАИД „Поврзани за развој“ одржаа интерактивен семинар за медиумите во пресрет на грејната сезона 2023-2024 година.

– Во последните години се покажа и во пракса дека без енергетика нема економија. Но дали има струја, парно и нафтени деривати и по која цена се прашања кои несомнено го засегаат секој еден граѓанин и домаќинство. Затоа точната и навремена информација е клучна, посебно во време кога сеуште се бориме со последиците од енергетската криза која ја зафати Европа. Со искрен пристап и интегритет во одговорите кои ги бараат медиумите и јавноста, РКЕ транспарентноста ја има поставено за централен столб во нејзиното функционирање, посочи Марко Бислимоски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика.

Зголемување на енергетската транспарентност, подобрување на деловното опкружување и имплементирање на најдобрите практики е цел поради која Проектот „Поврзани за Развој“, финансиран од американската влада преку УСАИД, а имплементиран од RTI Интернешнл и АЦТ консалтанси сервисис се долгогодишни партнери во работата на РКЕ .

– Интензивната и успешна соработка со РКЕ со проектот на УСАИД логично дојде до степен да се прелее и во соработка со новинарите со кои се дискутираат континуирано теми од значаен и посебен интерес за јавноста. Овој, но и претходните проекти на УСАИД, поттикнуваат и подржуваат иницијативи на институциите во однос на комуникација и соработка со медиумите со цел навремено, објективно и правилно информирање на јавноста, изјави Самир Латиф, директор на Проектот „Поврзани за Развој“.