Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), ќе ги преземе сите механизми кои и се на располагање, можеби ќе излезе и од своите законски надлежности пропишани во Законот за енергетика и нема да дозволи зголемување на цената на електрична енергија, вели претседателот на РКЕ Марко Бислимоски во интервју за МИА.
Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги го достави до Собранието годишниот извештај за работата за 2020 година. Што според вас е карактеристично во извештајот и како енергетските компании ја поминаа кризната 2020 година?
-Минатата 2020 година беше целосно атипична и уникатна не само во нашата земја, туку и во целиот свет. Тоа имаше соодветно влијание и на функционирањето на енергетскиот сектор кај нас, но во секој сектор се одрази различно.
Кај природниот гас забележавме рекордна потрошувачка од кога е воведен гасот во нашата држава како енергенс. Тоа се должи на работата на ТЕ-ТО, заради тоа што цената на природниот гас драстично се намали, а цената не електричната енергија на берзите во регионот и на слободниот пазар во нашата земја останаа стабилни и нешто повисоки отколку тие што беа во 2019 година. Во делот на електричната енергија потрошувачката на годишно ниво остана иста со тоа што имавме малку зголемена потрошувачка кај домаќинствата, а намалена во индустријата и комерцијалните објекти, но на вкупно ниво потрошувачката е речиси иста како во 2019 година. Во нафтениот сектор имавме позначајно намалување на потрошувачката од 13,5 проценти.
Веднаш кога почнаа мерките за заштита на населението од ширењето на Ковид-19, РКЕ презема одредени мерки и побара од сите компании што ги снабдуваат потрошувачите во периодот на вонредната состојба и кризата да се откажат од исклучување на потрошувачите. Исто така, на почетокот на кризата во март и април сите енергетски компании се соочија со намалување на ликвидноста и зголемени трошоци за одржување на ликвидноста, но благодарејќи на разбирањето на компаниите од секторот за електрична енергија и од секторот за топлинска енергија овој период го премостивме. Исто така, и потрошувачите по првичниот удар започнаа редовно да си ги покриваат своите сметки за електрична и за топлинска енергија. Особено во тоа се истакнаа пензионерите и значително помогнаа да се одржи стабилноста особено на електро-енергетскиот сектор.
Карактеристично за оваа година е што во делот на производството на електрична енергија се соочивме со година во која имавме намалено производство од домашните производни капацитети и тоа пред се заради лошата хидрологија. Имавме и намалување на производството и од термоелектраните и тоа го наведовме во нашиот извештај, бидејќи направивме анализа за термопроизводството на електрична енергија од 2002 година.
Од периодот од 2002 до 2006 година производството на електрична енергија од термоелектраните изнесувало околу 4.900 гигават часови, од 2007 до 2010 година околу 4.600, од 2011 до 2014 година околу 4.100, од 2015 до 2018 година околу 2.940, а во последните две години е околу 2.900 гигават часови.
За жал имаме тренд на намалување на производството од термоелектраните во последниве речиси дваесетина години и тоа се должи на фактот што во овој период многу малку се инвестираше во термокапацитетите и тоа пред се во Битола како најголем капацитет и сега доаѓа денот за наплата. Во овој период се случувало да не се извршат навремени ремонти и да не се извршуваат целосни реконструкции на блоковите, а она што е карактеристично е и што по целосно извршени реконструкции на одредени блокови, за кои се платени големи суми на пари во 2011 и 2012 година, производството на електрична енергија е нестабилно и е далеку пониско од планираното. Влијание има и тоа што во овие 20 години не се работело на откривање на нови површини од кои би можел да се користи јагленот. Тоа е фактичката состојба што РКЕ само ја констатира во овој извештај, како и дека во 2020 година цената на слободниот пазар на електрична енергија која ја нуделе снабдувачите е за околу 16 проценти повисока отколку цената на најголемата регионална берза ХУПЕКС. Тоа е прво такво искуство, бидејќи во 2018 и 2019 година цените на пазарот на големо во нашата земја беа за околу три до четири проценти пониски отколку цените на берзата во Будимпешта – ХУПЕКС.
Дали можеби тоа се должи на зголеменото производство од обновливи извори на електрична енергија?
-Она што радува е дека како земја веќе влегуваме во енергетска транзиција и во 2020 година производството од обновливи извори и покрај лошата хидрологија на големите електрани е зголемено за 9,5 проценти.Тоа е тренд кој ќе продолжи понатака.
Капацитетот на термоелектраната во Осломеј е веќе искористен, нема јаглен и ЕСМ таму ќе изгради фотоволтаична електрана од 10 мегавати, а на истата локација ќе се изградат и два фотоволтаици од по 50 мегавати. Со текот на годините производството на електрична енергија од обновливи извори се повеќе и повеќе ќе расте.
Летово треба да има нова цена на електричната енергија. Иако е рано дали очекувате зголемување или намалување на цената за потрошувачите на регулираниот пазар?
-РКЕ вообичаено во јуни или во јули ги носи своите одлуки за цени на електрична енергија. Минатата година ги донесовме во јули од причини што по прогласувањето на кризната состојба се донесе уредба со која сите управни постапки кои беа во тек требаше да се пролонгираат за период од 60 дена. РКЕ само тоа го имплементираше во својот подзаконски акт, бидејќи уредбата беше со законска сила.
Во нашите одлуки за цени ние влијаеме на крајната цена со 38 проценти, односно само на цената за пренос и за дистрибуција на електрична енергија. По започнувањето со либерализацијата на пазарот на електрична енергија од 1 јануари 2019 година РКЕ повеќе не ја определува цената на ЕСМ и Универзалниот снабдувач – ЕВН Хоум на тендер ги набавува потребните количини кои сега во најголем дел се однесуваат за домаќинствата. На тој тендер во 2021 година ЕСМ е должна да понуди 70 проценти од потребите на овие потрошувачи. При тоа нема гаранција дека ќе биде откупена таа електрична енергија доколку останатите трговци со електрична енергија понудат пониска цена. На тој дел – набавката на електрична енергија апсолутно не можеме да влијаеме, а тоа е околу 43 до 44 проценти. Исто така, не можеме да влијаеме на трошокот за обновливи извори, бидејќи сите фотоволтаици, мали хидроелектрани, биогасни електрани кои се изградија во нашата држава се изградени со така наречена фидин тарифа и сите тие имаат гаранција дека операторот на пазарот на електрична енергија во период од 15 до 20 години, во зависност од кој тип на обновлив извор станува збор, има обврска да им ја откупи таа електрична енергија по фидин тарифа, односно по гарантира цена. Потоа целиот трошок за откуп од обновливи извори на енергија се префрла на крајните потрошувачи врз основа на карактеристиките на овие обновливи извори.
Значи на 38 проценти можеме да влијаеме, а на 52 проценти не можеме да влијаеме. Како РКЕ започнавме иницијатива за зголемување на опфатот на ранливи категории на потрошувачи, стапивме во комуникација со Министерството за економија и со Министерството за труд и социјална политика со цел да им се помогне на овие ранливи категории на потрошувачи и тие потрошувачи кои имаат реален проблем да добиваат соодветни субвенции од државата.
Конкретно на вашето прашање дали ќе има зголемување на цената на електрична енергија сакам да потенцирам дека РКЕ ќе ги преземе сите механизми кои и се на располагање, можеби ќе излезе и од своите законски надлежности пропишани во Законот за енергетика и нема да дозволи некое зголемување на цената на електрична енергија.
Лани потрошувачка на нафтени деривати беше намалена за 13,5 отсто во споредба со 2019 година. На што се должи тоа според вас?
-Тоа се должи на пандемијата и на тоа што околу два месеца државата беше целосно затворена и немаше движење на автомобили. Воедно затворен беше и транзитот низ нашата држава и за автомобили и за автобуси. Едноставно потрошувачката падна затоа што голем дел од приходите во овој сектор доаѓаат и од транзитни туристи кои ги немаше.
Очекувам драстично да се подобри потрошувачката на нафтените деривати по отворањето на нашата граница со Грција каде ќе можат да влегуваат и српските туристи.
Согласно новата методологија за утврдување на малопродажните цени на нафтените деривати во земјава, клучни за цената се референтните цени на дериватите на светскиот пазар и курсот на доларот. Дали очекувате во наредниот период да расте или да се намалува цената на горивата?
-Минатата 2020 година беше карактеристична и по тоа што РКЕ во текот на март и првата половина на април донесе неколку драстични намалувања на цената на нафтените деривати. Тоа се должеше на фактот што во светот имаше резерви на нафтени деривати и одредени земји се соочуваа да немаат каде да ги чуваат резервите. Затоа на светските берзи се случуваше да има и негативна цена на суровата нафта, но со стабилизирањето на ситуацијата, особено од ноември и декември лани имаме тренд на пораст на цената на нафтата на светските берзи. Не верувам дека овој тренд ќе се промени. Од друга страна најголемите светски производители на нафта не планираат драстично да го зголемуваат своето производство без разлика што потрошувачката расте. Сето тоа прави дополнителен притисок врз цената на нафтата и претпоставките се дека тие загуби, кои ги претрпеа во 2020 година заради драстичното паѓање на цената, ќе се обидат да ги надополнат во 2021 година.
Кога може да очекуваме да почне изградбата на гасната мрежа во Скопје и во останатите градови во земјава и колку ќе чини приклучокот за гас?
-Во крајна фаза е тендерот со кој треба да се избере јавен приватен партнер. Започнува втората фаза и имајќи предвид дека станува збор за две турски компании кои се пријавени на овој тендер, а и поради затворањето на Турција, тие преговори, според информациите кои ги имаме, ќе започнат во текот на јуни. Верувам дека ќе траат три до четири месеци и до крајот на годинава ќе заврши процесот на потпишување договорот со новиот јавен приватен партнер.
Во тендерот е јасно наведено дека еден од критериумите по кои ќе се определува понудата ќе биде цената на приклучокот која максимум може да биде 100 евра. Претпоставувам дека цената за приклучокот на природен гас ќе биде и под 100 евра, бидејќи се две компании во игра. Мислам дека ќе бидеме една од земјите во регионот која ќе има најевтин приклучок за природен гас.
Од новиот инвеститор како РКЕ ќе побараме да ги следи потрошувачите и во нивните трошоци кои ќе ги имаат за купување соодветна опрема за користење на природниот гас. Поточно, доколку треба да се купи нов шпорет или фрижидер на природен гас, но и инсталација за греење, ќе побараме на некој начин да ги кредитира потрошувачите и нивниот трошок да се подели на четири или на пет години. Ги повикувам и сите општини во државата со одредена субвенција да им дадат на потрошувачите одредена сума на пари со цел уште повеќе да им помогнат за купувањето нова опрема која би го користела природниот гас во нивните домаќинства.
Дали можат скопјани да очекуваат поевтино парно греење во следната сезона?
-Грејната сезона заврши пред малку и до крајот на јуни, како што е вообичаено, компанијата „БЕГ снабдување“ ќе треба да направи порамнителни сметки за да видиме дали авансните сметки што досега ги плаќаа ќе се намалат или ќе се зголемат. Според првичните согледувања, порамнителните сметки ќе бидат за одреден процент намалени, бидејќи просечните температури беа нешто повисоки од тоа што РКЕ го утврди во својата одлука. Исто така, радува фактот што околу 70 проценти од произведената топлинска енергија во Градот Скопје оваа година доаѓа од ТЕ-ТО. Тоа е особено битно, бидејќи РКЕ во изминатите две години ја намали за 15 проценти производната цена на ТЕ-ТО во однос на цената која ја имаат топланите во Скопје. Очекувам и тоа да има позитивно влијание врз цената за топлинска енергија.
Што ќе преземе РКЕ во делот на водни услуги и каква е состојбата во водниот сектор?
-Во изминатиот период одредени поголеми градови во државата се соочуваат со прекини во водоснабдувањето, особено тоа е карактеристично во Тетово. Тоа се должи на не инвестирање во овој сектор, особено во инфраструктурата која треба да ја донесе питката вода до граѓаните и до индустриските објекти кои ја користат. Од тие причини повеќе пати предложивме, а и понатаму ќе го предлагаме тоа, РКЕ да ја определува цената за давање на водните услуги наместо да определува минимална и максимална цена како досега.
Вообичаено јавните комунални претпријатија секогаш ја одбираат минималната цена, но потоа тоа се одразува на нивното нормално работење и неинвестирање во нивната инфраструктура. Доколку би имало покачување на цената на водата од 10 до 20 денари на месечно ниво тие пари ќе им завршат голема работа на јавните комунални претпријатија да инвестираат во мрежата и да престане трендот на прекини во снабдувањето со вода. Не може никој да ме убеди дека некој граѓанин е побогат или посиромашен за 10 до 20 денари на месечно ниво.
Очекувам во овој сектор да имаме позитивни трендови и поради тоа што се најавени неколку инвестиции во пречистителни станици во поголемите општини во државата и во Градот Скопје.
Дали очекувате РКЕ и годинава да биде лидер во регионот во реформите во енергетскиот сектор според оценката на Секретаријатот на енергетската заедница?
-И оваа година имаме такви очекувања. Во 2015, 2016 и 2017 година бевме на последно место во регионов, а од 2018 година три години по ред сме на прво место во рамките на Енергетската заедница. Тоа претставува гордост и за мене и за РКЕ, а и за сите вработени во РКЕ. Откога е формирана Енергетската заедница во 2005 година досега не се случило едно регулаторно тело да биде три пати по ред на прво место. Тоа е уште една потврда за нас и тоа не од некоја институција внатре во државата и ни е особено драго што тоа го прави Секретаријатот на енергетската заедница кој не оценува пред се од аспект на независност, од аспект на имплементирање на третиот енергетски пакет и од аспект на финансиска независност и ред други работи. Во најголем дел од овие позиции, особено во делот на независноста, сме секогаш на прво место. Исто така, сме на прво место и од аспект на примена и имплементација на таа независност.