Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) денеска слави јубилеј – 20 години од почетокот со работа. Актуелниот претседател Марко Бислимоски, кој е еден од првите вработени во институцијата уште од 2004 година, за МИА истакнува дека за 20 години РКЕ од анонимно тело за кое на почетокот на работата ретко кој знаел што е неговата дејност прераснала во институција која пет години по ред е најдобар регулатор во регионот и е членка на многу светски и регионални здруженија на регулатори. РКЕ, како што вели, е институција која 20 години навремено ги завршува своите обврски и е отворена за соработка.

-РКЕ е релативно млада институција во државата. Причината за формирање на регулаторното тело беше иста како и секаде во Европа – политичарите сакаа да си го тргнат товарот од определување на цените и оттогаш се наоѓа начин тоа да го прават независни регулаторни тела. Првите членови во РКЕ се избрани во јули 2003 година, а Комисијата започнува да работи со вработени од 1 јануари 2004 година. РКЕ започна со работа со првите пет члена и на почетокот никој не знаеше што е регулаторно тело и кај луѓето не постоеше навика дека некој може да определува цени освен Владата. Од моментот кога РКЕ почна да ги определува цените на нафтените деривати во 2004 година, јавноста почнува да ја запознава новата институција, вели Бислимоски.

Нагласува дека првичното екипирање на РКЕ е направено во 2004 година и, како што посочува, речиси сите што биле вработени дошле од приватниот сектор и немале никаква поврзаност со компаниите што требало да ги регулираат.

-Тоа се покажа како исправен чекор затоа што влеговме со нови гледања и нови сфаќања. Тогаш постоеја сериозни предизвици. Прво што направи РКЕ беше нова методологија за цени на струја како првична, па потоа се  усвоија методологии за сите останати видови на енергија – за природен гас, за топлинска енергија. Во тој период со Законот за енергетика имавме обврски да издаваме лиценци, па затоа се работеше на изработка на правилници. Тоа се случуваше во првите две години кога и реално освен домашните задачи да донесеме подзаконска регулатива поради тоа што јавноста многу не не знаеше во најголем дел немавме многу дописи и жалби. Затоа во најголем дел се посветувавме на методологии, правилници за лиценци, правила за снабдување со различни видови на енергија, појаснува Бислимоски.

Од 2006 година, кога почнале да се носат првите одлуки за цени на електрична енергија, вели Бислимоски, јавноста сфатила дека постои независно тело кое ги определува цените.

Оттогаш па натаму РКЕ се повеќе и повеќе си го заземаше местото кое што со закони и припаѓа. Мислам дека во голем дел се етаблиравме како институција која навремено ги завршува своите обврски и која е отворена за соработка и која помеѓу другото се грижи и за правата на потрошувачите. Очигледно е дека сето тоа се ценело и некаде во 2016 година, па и порано, РКЕ ги презема и обврските за определување на тарифите за водни услуги, а од 2021 година сме надлежни и за определување на тарифите за комуналниот отпад. Со тоа се повеќе се зголемува обемот на работа, вели Бислимоски.