Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) нема да носи одлука за цената на топлинската енергија во Скопје се додека не бидеме сигурни дека ТЕ-ТО ќе работи и ќе биде ставено на мрежа. Ако ТЕ-ТО оваа година го немаме функционално на мрежа ќе ни се случи ценовна катастрофа, а тоа не ни е на крај на памет да го дозволиме. Додека не се знае дека ќе можеме да ги искористиме придобивките од ТЕ-ТО нема да имаме одлука, истакна претседателот на РКЕ Марко Бислимоски во разговор за МИА.
Топлинската енергија од ТЕ-ТО, како што рече, е многу битна бидејќи во 2022 година таа беше три пати поевтина од цената што ја имаа топланите во Градот Скопје.
-Технолошкиот процес во когенеративните постројки овозможува да има производство на топлинска енергија со пониска цена и тоа ќе го искористиме до максимум. За да го направиме тоа сериозен проблем ни е топловодот кој поминуваше на мостот „Беласица“ и кој беше оштетен од пожарот што го зафати мостот. Не сакам да навлегувам кој е надлежен – дали Град Скопје или ЕСМ, но верувам дека Градот Скопје и ЕСМ ќе преземат се за да се санира топловодот и да ја добиеме таа топлинска енергија од ТЕ-ТО. Топловодот ќе ни помогне топлината од когенеративната електрана да дојде во другиот дел на Скопје, бидејќи има други пумпни станици кои овозможуваат оваа топлина да дојде и до општина Карпош. Додека не добиеме јасна сигурност дека ТЕ-ТО ќе работи и дека ќе ја добиваме топлината од ТЕ-ТО ние нема да донесеме одлука за цената на топлинската енергија, бидејќи не можеме да го префрлиме товарот кај потрошувачите за работа која може да се среди за две недели и за помалку, рече Бислимоски.
Посочи дека е вообичаено Град Скопје да каже дека е се во ред со мостот „Беласица“ и да им даде дозвола на ЕСМ Дистрибуција да ги постави новите цевки на топловодот под мостот.
-Ова е пресериозна работа за да се чека да се изврши, порача Бислимоски.
Цената на топлинската енергија од ТЕ-ТО три пати пониска од цената на топланите
Цената на ТЕ-ТО е три пати пониска од цената на топланите во Скопје кои се во добра кондиција, но таков им е работниот процес и коефициентот на полезно дејство и е 33 до 34 проценти за разлика од ТЕ-ТО кое кога произведува и топлинска енергија има коефициент на полезно дејство и до 90 проценти, вели Бислимоски.
-Токму тоа е придобивката од когенеративната електрана и срамота е да не ја користиме имајќи таква централа во Скопје. Ако не ја користиме цената на парното греење ќе треба да се зголеми за 100 проценти, бидејќи трошокот за гас е најголем во производството на топлинска енергија, посочи Бислимоски.
Таков луксуз, додаде, не можеме да си дозволиме, бидејќи сите потрошувачи ќе се исклучат од системот за централно греење.
-Тоа не смее да се дозволи зашто потрошувачката на топлинска енергија во Скопје е битна за цела Македонија. Скопје е проектирано во делот на дистрибутивна мрежа дека најголем дел од зградите во Центар, Карпош, Кисела Вода, Аеродром и дел во Гази Баба, како и мал дел во Чаир да се греат на топлинска енергија. Ако не се греат на топлинска енергија ќе ни се запалат трафостаниците, зашто енормно ќе се зголеми потрошувачката на електрична енергија. Затоа до моментот додека не сме сигурни дека топловодот ќе биде ставен во функција ние нема да ја донесеме одлуката и ќе останат постојните цени. Уште еден момент е заемот што го даде Владата од 6 милиони евра во јануари 2022 година. Тие средства треба да се вратат, но не може тоа да оди само на товар на потрошувачите, прецизира Бислимоски.
Потребна е нова методолгија за цената на парното во Скопје
Со новата одлука за цената на парното греење во Скопје РКЕ треба да реши неколку работи кои се исклучително комплицирани и затоа е потребна нова методологија и нов концепт за цената по која ќе продава ТЕ-ТО, порачува Бислимоски.
-Сакаме максимално да ја искористиме когенеративната електрана ТЕ-ТО, бидејќи токму тоа е идејата на когенеративната постројка. Сега ТЕ-ТО е компанија која нема никаква сопственичка поврзаност со новите компании кои стопанисуваат со парното греење во Скопје и затоа ни е потребна нова методологија и нов концепт по која цена ТЕ-ТО ќе продава на операторот на системот за дистрибуција – ЕСМ Дистрибуција на топлинска енергија, рече Бислимоски.
Појасни дека ТЕ-ТО кога дава топлинска енергија намалува производство на електрична енергија и затоа новата методологија треба да овозможи трошоците за топлинска енергија на граѓаните да се одржат на соодветно ниво, а во исто време да се овозможи ТЕ-ТО да продава електрична енергија на пазарот на електрична енергија.
-Во текот на 2022 година се сменија носителите на лиценците, а процесот продолжи и заврши во 2023 година. Со одлуката треба да направиме јасна слика до каде е БЕГ, колку пари треба да даде или да земе, а колку трошоци да им се признаваат на компаниите кои произлегоа од ЕСМ. Дополнително, треба да определиме цени на компании – ЕСМ Производство на топлинска енергија, ЕСМ Дистрибуција на топлинска енергија и ЕСМ Снабдување со топлинска енергија за кои немаме никаква историја. Поради тоа прво го менуваме правилникот и регулираниот период во делот на трошоци, амортизација и поврат на капитал што беше три години го враќаме назад на една година за да бидеме попрецизни и да видиме како се снаоѓаат новоформираните компании кои добија нови лиценци, појасни Бислимоски.
Сериозен проблем, додаде, ни претставува и инфлацијата поради која се зголеми и цената на многу материјали како што се металите и останатите берзански производи кои се користат за одржување не само во делот на топлинската енергија, туку и кај електричната енергија.
-Во моментов цената на природниот гас е околу 34 до 35 евра за мегават час и е пониска од цената што беше во изминатата грејна сезона кога се движеше од 80 до 120 евра. Сепак, се уште не е на нивото кое беше претходно, рече Бислимоски.
Вообичаено РКЕ одуката за цената на топлинската енергија во Скопје ја носи во август.
Валентин Јанковски/МИА