Седум децении од основањето денеска одбележа Бирото за развој на образованието, а на свеченоста организирана по тој повод се обрати и министерката за образование и наука, Весна Јаневска, која упати благодарност до сите сегашни и поранешни вработени во институцијата за придонесот кон градењето на националниот образовен систем, посакувајќи уште многу ефективен труд и позитивни резултати во иднина.
„Министерството за образование и наука и Бирото сега имаат идентична визија во која насока треба да се движи образованието. Напорите се обединети и насочени кон иста цел – добивање на европскиот предзнак, што, ценам дека така единствени, полесно и побрзо ќе го добиеме. Тоа е многу важно. Времето за земји во развој е скапоцено, особено за Македонија која, да бидеме искрени – има години и години потрошено на други приоритети, наместо на развој на образованието како наш основен ресурс за просперитет“, рече Јаневска.
Министерката истакна дека работата на Бирото воопшто не е едноставна. Институцијата има задача да сложува мозаик, а умешноста е во кусо време да се пронајде правото место и на најмалиот елемент.
„Денес, ваша и наша обврска е да одговориме на брзиот развој на дигиталните алатки и вештачката интелигенција, но и на промените во општеството — миграциите, нискиот наталитет, новите потреби на учениците и наставниците. Исправени сме пред потребата од образовен систем кој е отворен за секое дете, ги препознава различните можности и потреби на учениците и ги поддржува наставниците да се надградуваат и да ги следат современите педагошки пристапи. Учебниците треба да бидат разбирливи и актуелни, а наставните програми да овозможуваат систематски развој на знаење, вештини и вредности, во согласност со европските стандарди и барањата на пазарот на труд“, нагласи Јаневска.
Потенцираше дека е најважно во градењето на квалитетно образование да бидат вклучени сите сегменти од општеството, а не само училиштата и нивните служби, туку и родителите, локалната заедница, реалниот сектор и медиумите.
„Не смееме да штедиме труд. Со високо ниво на меѓусебна доверба да останеме посветени кон реформите. Тоа е и најдобар начин да изразиме благодарност до сите кои оставиле трага во Бирото и седум децении придонесувале во развојот на образованието во Македонија“, рече Јаневска.
На свеченоста се обрати и директорката на Бирото за развој на образованието, а беше промовирана и Монографија – 70 години БРО.
Текстот Бирото за развој на образованието одбележува 70 години постоење е превземен од МАКФАКС.























