Летото 2019, поранешниот владин генсек се сретнал со Колувија и со директорот на српската воена разузнавачка служба
Автор: Владо Апостолов/Prizma.mk
Поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, летото 2019, во Ниш бил на состанок заедно со Предраг Колувија, кому сега во Србија му се суди за нелегално одгледување марихуана, и со Зоран Стојковиќ, директорот на српската воена разузнавачка служба (ВОА).
Информацијата денеска ја објави БИРН Србија по увид во документ од истрагата позната како „Јовањица“.
Српската полиција го уапси Колувија неколку месеци по овој состанок, во ноември 2019 година, под сомнеж дека, наместо индустриски коноп, нелегално одгледувал марихуана на плантажата „Јовањица“.
Предраг Колувија, сѐ до апсењето, беше еден од сопствениците на две фирми во Македонија за легално производство на канабис за медицински цели. Бргу по притворањето, македонските власти ѝ ја одзедоа лиценцата на фирмата „ТХЦ Квалити груп“, која веќе произведуваше марихуана близу македонското село Росоман.
Образложението беше дека фирмата не водела евиденција за секое стебло канабис, што е строга законска обврска.
Новинарите на БИРН Србија имале увид во документ во кој пишувало дека на состанокот во нишката кафеана „Мрак“ бил „шефот на кабинетот на премиерот на Македонија, Драги“, меѓутоа, и покрај тоа што пишувало „шефот на кабинетот на премиерот“, БИРН Србија во нивниот текст, според нивните извори, тврди дека, всушност, станува збор за поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски.
„Од документот не е јасно која била целта на разговорот во таверната лоцирана на периферијата на Ниш, но се наведува дека била многу важна средба“, пишува БИРН Србија.
„Од документот не е јасно која била целта на разговорот во таверната лоцирана на периферијата на Ниш, но се наведува дека била многу важна средба“, пишува БИРН Србија
Рашковски, во разговор со БИРН Македонија, беше јасен дека не сака да зборува со новинари, освен за актуелното обвинение против него околу контроверзната набавка на софтвер.
Откако му кажавме зошто го баравме, Рашковски само кусо рече „немам врска со тоа“ и уште еднаш повтори:
„Не сакам да зборувам со новинари.“
Колувија имал повеќе партнери во Македонија со кои легално одгледувал марихуана за медицински цели. Од сите партнери, сепак, најмногу внимание привлекуваат струмичаните Александар Пиперевалиев и Горан Крстев.
Обвинувајќи за непотизам при доделување тендер, партијата тврдеше дека Рашковски и Пиперевалиев се роднини, односно нивните мајки биле сестри. Рашковски тогаш реагираше дека неговата мајка нема сестра, меѓутоа децидно не демантираше дека има роднински врски со Пиперевалиев.
БИРН Македонија, минатата година, меѓу другото, пишуваше и дека Александар Пиперевалиев се наоѓа во документите на кипарска фирма сместена на истата адреса во Никозија, како и кипарските партнери на Колувија во Македонија.
Пиперевалиев не ги коментираше овие наводи.
Крстев, пак, во 2008 година, заедно со Зоран Заев како градоначалник, беше приведен за аферата околу изградбата на трговскиот центар „Глобал“ во Струмица и подоцна аболиран од тогашниот претседател Бранко Црвенковски.
Колувија, во моментот кога го апсела полицијата, бил на пат за Македонија да аплицира за почесен конзул на нашата држава во Србија. Ова го тврдеше самиот тој лани во октомври во првото интервју, откако по речиси две години беше пуштен во домашен притвор.