Актерот Били Боб Торнтон повторно се осврна на својата бурна врска со Анџелина Џоли и познатата огрлица од ампули со крв, откривајќи нови детали за тој дел од нивното заедничко минато. Во ново интервју, 70-годишниот актер објасни како романтичниот гест се претворил во медиумска сензација и нагласи дека тој период е сè уште еден од најубавите во неговиот живот.

„Имавме мал медалјон, буквално со капка крв во него“, изјави тој за „Ролинг стоун“.

„Тоа е романтичен гест, и тоа е сè што беше. Но, ние сме вампири, живееме во темница, си ја пиеме крвта еден на друг и такви работи“, додаде тој, опишувајќи како приказната станала претерана.

Ова не е прв пат актерот да ја демистифицира приказната за крвта. Уште во 2014 година, на Универзитетот Лојола Меримаунт, тој објасни како сè започнало.

„Енџи еден ден се врати дома со сет што го купила. Знаете оние медалјони што ги купувате, проѕирни, и ставате слика од вашата баба во нив или нешто слично и ги носите околу вратот? Тоа беше тоа“, рече тој во тоа време.

„Таа мислеше дека би било интересно и романтично ако намачкаме малку крв на тие медалјони и ги носиме околу вратот исто како што носите прамен од косата на вашиот син или ќерка. Истото“

Торнтон тврди дека тој и Џоли останале во одлични односи.

„И секако, Анџелина и јас се забавувавме одлично. Тоа беше еден од најубавите периоди во мојот живот“, рече тој.

„Таа и јас сè уште сме многу, многу блиски пријатели. И тоа беше раскинување кое на крајот беше навистина цивилизирано. Едноставно се оддалечивме затоа што нашите животни стилови беа толку различни.“

Џоли и Торнтон се запознаа во 1999 година. Тие се венчаа во тајност една година подоцна во Лас Вегас, кратко откако Торнтон ненадејно ја раскина свршувачката со актерката Лора Дерн. Двојката објави во 2002 година дека ќе посвои син, Медокс, од Камбоџа, но нивниот брак не траеше.

Тие се разведоа во 2003 година, по две години брак. Торнтон моментално е во брак со Кони Англанд, со која се ожени во 2014 година. Неговата серија „Лендмен“ штотуку ја започна својата втора сезона на платформата „Парамаунт+“

Текстот Били Боб Торнтон ја откри вистината за „ампулите со крв“ што ги носел со Анџелина Џоли е превземен од МАКФАКС.