Во фаталниот инцидент за време на сетот, Болдвин ја застрела директорката на фотографија, Халина Хачинс, која им подлегна на повредите, а ранет беше и режисерот Џоел Соуза. Засега нема осомничени или обвинети за настанот.
Името на помошник-режисерот засега е непознато во јавноста, но во записите пишува дека тој не знаел оти пиштолот содржи боева муниција.
Други детали објавени од истрагата се однесуваат на тоа дека биле запленети облеката со крв на актерот Болдвин, пиштолот, како и муниција и друго реквизитно оружје.
„Би-Би-Си“ наведува и дека редакцијата добила документ во кој пишува кои членови на екипата биле планирани да бидат на сетот за филмот тој ден и оти во документот е наведено и кое е одговорно лице за проверка на оружјето. Станува збор за девојка во своите 20-ти години која неодамна за првпат имала таква одговорност на сет.
„Лос Анџелес Тајмс“, пак, пренесува и други детали околу снимањето на филмот „Rust“. Неколку членови на тимот го напуштиле сетот неколку часа пред трагедијата бидејќи протестирале поради условите за работа. Наводно, тие се пожалиле дека им биле ветени хотелски соби во Санта Фе, каде се одвива снимањето на филмот, но сепак, добиле сместување поради кое секое утро морале да возат по 80 километри.