Според информации на бугарската агенција БГНЕС билатералниот протокол што треба да биде потпишан меѓу Скопје и Софија и кој што ги опишува јасно условите и конкретните чекори за почеток на преговорите на РС Македонија за влез во ЕУ во суштина е протокол од втората седница на заедничката меѓувладина комисија создаден на основа на членот 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Бугарија и Северна Македонија.
Протоколот е од средбата што се одржа во почетокот на јуни оваа година и во него се прави оценка на завршените обврски од страна на двете Влади до моментот и се даваат насоки за следни ангажмани и активности.

Делот што ги одразува насоките за следни активности во суштина е клучниот, затоа што тој ги поставува конкретните услови што Скопје треба да ги преземе за кревање на бугарското вето.

Овој дел е поделен на две етапи. Првата предвидува тоа што треба да се случи краткорочно, пред одржување на првата меѓувладина конференција а втората дополнителните услови за одржување на втората меѓувладина конференција. Основно место во нив зазема впишувањето на Бугарите во Уставот на РС Македонија а освен тоа има и потврдување на обврската на Скопје да не се меша во внатрешните работи на Бугарија, што во пракса значи од откажување на претензии за македонско малцинство во Бугарија.

Во документот фигурираат уште неколку формални реферирања за различни точки од досегашната рамковна позиција, поврзани со говорот на омраза, отворањето на архивите на поранешните тајни служби и рехабилитацијата на жртвите на комунистичкиот режим.

Макар и да не се предвидени точни механизми и временски рамки самото присуство на самите точки во ваков документ е чекор напред. Мал чекор напред би било и спроведувањето на предвиденото според најважната од сите спорни теми таа за заедничката историја, пишува БГНЕС.



Во документот се предвидува историските ликови за коишто историската комисија има постигнато компромис да бидат објавени и прифатени за заеднички чествувања, со календар за 2022 и 2023 година. Досега историската комисија најде согласност за Св. Кирил и Методиј , Св. Климент Охридски и царот Самоил.
Од нив во протоколот е спомнат само царот Самоил. Во однос на него се предвидува промена на натписите на неговите споменици во РСМ и конкретно на тврдината во Охрид, според формулата донесена од историската комисија. Се предвидува итна промена на лекцијата посветена на царот Самоил во учебната програма за седмо одделение на македонските училишта во согласност со постигнатата компромисна формула.

Од БГНЕС велат дек во текстот не фигурираат децидно наведените во рамковната позиција историски теми Гоце Делчев, Илинденско востание и ВМРО, кое што во суштина се најспорните теми меѓу двете национални историографии.

Нивното отсуство и фактот што нема механизам за достигнување на резултати во однос на поновата историја на историската комисија е сериозниот проблем на целиот документ, пишува БГНЕС.
Од таму велат дека токму туркањето под тепих на тие теми е гаранција за тоа дека тие ќе продолжат да ги трујат и во иднина односите меѓу двете земји.

Извор: Трибуна