Од 1 јануари 2007 година до 17 јуни 2025 година, вкупно 216.594 пасоши на бугарски државјани се издадени на лица за кои постои информација дека имаат и државјанство на Република Северна Македонија. Ова го соопшти бугарскиот министер за внатрешни работи Даниел Митов, јавува БГНЕС, пренесува Трибуна.

Министерот нагласува дека издавањето на бугарски пасош може да се случи единствено по стекнување на бугарско државјанство.

„Основата за издавање на бугарски пасош настанува со стекнување бугарско државјанство од страна на лицата“, изјави Митов.

Согласно Законот за бугарски лични документи (ЗБЛД), пасош може да добие само лице што има бугарско државјанство. Издавањето на пасош е основно право на секој бугарски државјанин и може да биде ограничено само во случаи утврдени со закон. Правната основа за добивање бугарски пасош се содржи во чл. 4, ал. 1; чл. 13, ал. 1, т. 2; чл. 33, ал. 1 и чл. 35, ал. 1 од ЗБЛД.