Без пари од државната каса општините во земјава не можат да функционираат. Дури 76 проценти од буџетите на општини се финансирани од централниот буџет, а само шест проценти од општинискиот буџет е од собраните пари од даноци. На долг рок постои опасност општините да немаат самоодржливост покажува анализата на Институтот за економски истражувања „Finance Think“. Градоначалниците треба да се потрудат подобро да ги наплаќаат даноците, но и повеќе да инвестираат во проекти во нивните општини.
Advertisements
„Една третина од општините имаат зависност која што е поголема од 80 проценти, а достигнува до фантастични 96 проценти. Општините мора да направат поголем напор во прибирање на сопствените приходи од даноците, но исто така средствата со кои располагаат мора во поголема мера да ги инвестираат во развојна компонента. Во моментов таа компонента не е доволна, а таа е клучен успех за во иднина општините да станат самоодржливи“, рече Благица Петрески, Finance Think.
Анализата покажала дека поголемите општини имаат поголеми приходи од наплата на надоместоци за издавање на градежните дозволи. Во општините каде што имало градежна експанзија се достигнало 25 проценти од буџетот да биде од наплата на надоместоци за градежни дозволи. Од институтот посочуваа дека на долг рок градоначалниците ќе треба да бидат спремни да се откажат или да го намалат давањето на градежни дозволи за градовите да бидат позелни и похумани.
Андреа Чобанова