Error: Contact form not found.

Без маски, без дистанца и без ниту една жена на масата, петнаесетмина високи државни функционери од ДУИ денес го славеле 62. роденден на лидерот Али Ахмети во „новиот дом“, како што ја нарече првиот вицепремиер Артан Груби, барокната зграда во која се смести Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи вечерва на социјалните мрежи објави фотографија од „новиот дом“ на првиот вицепремиер во кој се собрани челниците на ДУИ во една од просториите за состаноци во новата зграда, а подоцна на социјалните мрежи се појавија и слики на кои лидерот Али Ахмети сече торта во истата просторија.

 

 

На фотографијата се лидерот на ДУИ, Али Ахмети, претседателот на Собранието, Талат Џафери, првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, министерот за економија Крешник Бектеши, поранешниот министер за образование Арбр Адеми, министерот за надворешни работи Бујар Османи, министерот за финансии Фатмир Бесими, министерот за животна средина Насер Нуредини и уште седуммина сопартијци.

На роденденската прослава, како што може да се види од фотографијата, нема ниту една жена, за што пишува и во еден од коментарите на Фејсбук кај Бујар Османи: „Соба на мажи, како во пештера“.

Министерот Османи ја објави фотографијата со едноставно објаснување „4 јануари“.

Според актуелните протоколи, носењето маски и на отворен простор е задолжително, а за време на новогодишните празници МВР отвори телефонска линија со цел граѓаните да пријавуваат забави и групирања во домовите. Во угостителските објекти е забрането повеќе од четири лица да седат на иста маса, граѓаните секојдневно се казнувани поради неносење маски, но овие правила очигледно не важат за дел високи функционери, кои фотографиите од кршењето на протоколите си ги објавуваат и на Фејсбук.

Инаку, новиот објект на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците во кој се славеше роденденот на Ахмети, во употреба беше пуштен денеска, а на свеченото отворање присуствуваа премиерот Зоран Заев, министерот Артан Груби, претседателот на ДУИ, Али Ахмети, претседателот на Собранието, Талат Џафери и вицепремиерот Љупчо Николовски./A1on.mk