Вчера се приведени 13 лица инволвирани во трагедијата во Кочани, потсети денеска на прес-конференција јавниот обвинител Љупчо Коцевски.

Тој извести и дека денеска до Основниот суд во Кочани е поднесено обвинение против 34 физички и три правни лица за кривични дела поврзани со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

„Денеска до Основен суд во Кочани се поднесува обвинителен акт против 34 физички и три правни лица за кривични дела со кои предизвикале значителна опасност за животот и телото на луѓето и за имотот од поголеми размери, на место на кое се собрале поголем број на луѓе, односно за пожарот при настапот на музичката група ДНК на 16 март, каде што животот го загубија 62 лица, 157 се здобиле со тешки повреди и 54 лица со повреди“, изјави Коцевски.

За полицајците се бараат мерки за обезбедување на присуство, бидејќи при акциската контрола дозволиле употреба на пиротехника.

Јавниот обвинител предложи спрема осомничените да се определат соодветни мерки за забрана за напуштање на живеалиштето и да се јавуваат кај институциите за спроведување на законот, одземање на патните исправи и слично.

Обвинетите делото го сториле со свесно постапување рече обвинителот, и дејствувале спротивно на прописите за заштита.

Палењето на пиротехниката не било пријавено во полицијата.

Тој рече дека тие се гонат за тешки дела против општата сигурност.

Во деталите за случајот Коцевски кажа дека објектот не ги исполнувал ниту минималните услови за угостителска дејност.

За објектот, меѓу другото, немало основен проект за реконструкција со пренамена со соодветна статика и сеизмика, електротехнички и термички елаборати како и елаборат за заштита од пожари.

Не донеле и изработиле план за заштита и спасување.

Наспроти ова, првообвинетиот, сопственикот на објектот, преземал градежни дејствија и реконструиал и вградувал несоодветни материјали кои носата ризик од предизвикување на пожар, објасни Коцевски.

Во објектот не бил испочитуван ниту еден пропис во однос на квалитетот на вградените материјали, носивоста и стабилноста на конструктивните материјали, излезот, и влезот, паркингот, средства за ганење на пожари.

Обвинет е и братот на сопственикот на објектот кој продавал влезници, за поголем број на посетители од дозволеното и дозволувал влез на лица помлади од 18 години иако бил свесен за незаконските дејствија, појасни Коцевски.

Во дискотеката никогаш не бил спроведен инспекциски надзор потенцира Коцевски.

Секоја од алките во случајот со трагедијата во Кочани имале моќ да го спречи трагичниот настан но никој не го сторил тоа.