Во угледниот неделник „Шпигел“ за книга на неделата е избрана збирката раскази „Мојот маж“, бестселер на македонската писателка, професорка и преведувачка Румена Бужаровска. Книгата во Македонија во 2014 ја издаде „Или-или“, а германското издание во превод на Бенјамин Лангер, излезе на 7 март годинава при реномираната издавачка куќа „Зуркамп“.
„Румена Бужаровска е Македонка која напиша вистински бестелер со раскази за 11 мажи. Книгата е забавна за читање затоа што е толку лута, затоа што е толку полемична. И никогаш не сум прочитала сексуални сцени толку смешни како оние кај Бужаровска, кога сè оди наопаку“…„Единаесет приказни: Никогаш не е истиот маж или истата жена. Но, секоја приказна ја раскажува жена и е за нејзиниот сопруг. Тој веќе може да биде мртов. Може да биде гинеколог, уметник, дипломат. Но, секогаш станува збор за брак или семеен пекол, што овие жени го опишуваат. Тоа се глупави лажговци, мажите, мачорите, кои ги изневерувале. А, она што започнало убаво како љубов, тргнало наопаку. И така, секогаш постои подгласок на тага меѓу овие лути приказни. Имаше љубов таму некогаш. Некогаш беше убаво. Како се изгуби сето тоа?“, стои меѓудругото во рецензијата.
На прашањето дали го очекувала ваквиот успех на „Мојот маж“?, неодамна за „Женски печат“ во СП., Бужаровска одговори:
– Не го очекував и свесно се обидувам да не проектирам успех на тоа што го правам. Не само што е контрапродуктивно и влијае лошо на процесот, туку и го забавува егото, од кое човек треба да се лиши додека работи. Како и за сите книги, односно, за сите раскази, и овде додека пишувам размислувам за тоа како логично да ги врзам дејствијата, како да ги опишам ликовите и какви зборови и реченици да употребам за да го постигнам ефектот кој сум си го зацртала кога воопшто сум го смислила расказот.
За пробивот на светската книжевна сцена со дела во кои доминираат женските ликови, Бужаровска вели дека се работи за едно општо будење во однос на галопирачката еманципација на жените.
„Пред сто години не сме имале право на глас, не сме смееле да носиме пантолони, не сме имале право на сопственост итн, но денес работите се многу различни, а во последните 10 години има многу голема промена во однос на женските права и освестувањето на жените во однос на нивната улога во општеството и тоа се гледа и во книжевноста. Во моментов, женските гласови, авторките што се занимаваат не само со една канонска книжевност во којашто константно сме го читале гласот на доминантниот бел маж и сме учеле да се поистоветуваме со тие ликови, сме учеле да ги разбираме и всушност сме се идентификувале со нив, и тоа не е лошо – како жена да можеш да се идентификуваш со различни типови на луѓе, бидејќи тоа ја гради емпатијата, му создава можност на читателот да влезе и во туѓа кожа, но за жал досега во книжевниот канон досега жените не се присутни, а со тоа не се присутни женските ликови. Женските наративи, едноставно не се присутни и не се разбирливи за читателите. Но сега се покажува дека поголемиот дел од читателите се всушност жени, па логично е жените да сакаат да читаат книги коишто се наишани од авторки и со кои можат да се идентификуваат. Отсуството на женски гласови и на секакви женски ликови е евидентно во книжевниот канон и затоа тоа што го кажа режисерката Ѓилас беше дека треба да сме во контакт со женски ликови кои не се нужно совршени, можат да се корумпирани, можат да лажат или да имаат некои ниски страсти, и на тој начин жената се нормализира“, рече Бужаровска за „Женски печат“ во СП.
Румена Бужаровска: Претставата „Мојот маж“ е како збирка раскази на сцена