Кандидатката за градоначалничка на општина Неготино од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Нацева, на денешниот настан во рамки на кампањата за вториот круг од локалните избори, изјави дека нејзината програма нуди конкретни проекти за подобра иднина и развој на општината.

Нацева нагласи дека акцентот е ставен на развојот на патната и комуналната инфраструктура, со најави за реконструкција на градскиот плоштад, изградба на концертна сала, како и кружни текови на влезот и излезот од градот.

„Во програмата што ја нуди ВМРО-ДПМНЕ има голем број капитални проекти – реконструкција на градски плоштад, изградба на концертна сала, кружни текови на влезот и излезот од Неготино, реконструкција на старата социјална зграда и спортскиот комплекс околу салата ‘Младост’“, изјави Нацева.

Таа додаде дека ќе се инвестира и во образованието, преку реконструкција на училишта, доделување стипендии, финансиска поддршка за првачињата и новороденчињата, како и воведување на бесплатно патување за пензионерите и промоција на локалниот туризам.

Нацева посочи дека дел од плановите опфаќаат и урбанизација и развој на нови зони за инвеститори, што ќе придонесе за нови вработувања и задржување на младите во градот. Таа најави и активности за зелена и енергетски ефикасна општина.

Нацева во Неготино ќе се соочи со Петар Мантев од СДСМ. Првиот круг заврши со 656 гласа во корист на Нацева. Вториот круг од локалните избори ќе се одржи на 2 ноември.

Текстот Бесплатно патување за пензионерите, финансиска поддршка за првачиња и новороденчиња, најави кандидатката за градоначалничка на Неготино, Марија Нацева е превземен од МАКФАКС.